Научниците од универзитетот во Оксфорд, Велика Британија започнуваат проба за мешање на дози на две различни вакцини на COVID-19, во надеж дека може да се обезбеди уште еден начин за борба против коронавирусот, откако кон крајот на минатата недела проектот официјално доби поддршка и од владата на Велика Британија.
Научниците се надеваат дека комбинирањето на дозите од вакцините на „AstraZeneca“ и „Pfizer“ може да обезбеди еквивалентна или подобра заштита во споредба со користење на две дози (вакцина и ревакцина) од еден исти производител.
– Advertisement –
Конвенционален метод за обете вакцини е да се дадат две дози, во интервал од неколку недели, за да се активира долготрајна заштита од COVID-19.
Според соопштението за печатот издадено од владата на Велика Британија, новата студија ќе спореди осум различни комбинации на дози, во зависност од тоа која ќе се даде прва, а која втора и колкав ќе биде периодот меѓу двете апликации.
Кон крајот на 2020 година, владата на Велика Британија одобри мешање и комбинирање на вакцините во екстремни околности, иако научните докази за поддршка на оваа препорака сè уште не беа достапни.
Доколку се утврди дека вакцините може да се комбинираат, ова може да понуди поголема флексибилност при нивната испорака, велат познавачите.
На пример, ако некој примил прва доза од Фајзер, но нема доволни количини и за ревакцина од истиот производител, ќе може без проблем да прими од другиот.
Исто така, ќе им овозможи на владите брзо да реагираат доколку се прекине ланецот за снабдување на една од вакцините. Студијата исто така ќе утврди дали некои комбинации доведуваат до помалку несакани ефекти и колкав е степенот на заштита од болеста.
Д-р Питер Инглиш, поранешен претседател на Комитетот за јавно здравје при Британската медицинска асоцијација, изрази очекување дека комбинацијата на вакцини би требало „барем да пројави исто дејство“ како и употребата на една иста вакцина.
Тој во свој коментар за научните списанија посочил дека „многу вакцини даваат подобар резултат ако се комбинираат“, наведувајќи ги како пример вакцините за заштита од хепатитис Б.
Првите резултати се очекува да се добијат до крајот на мај или почетокот на јуни.