Зоран Заев е еден од ретките македонски политичари што може да носи смели политички одлуки. Ниту во Македонија ниту во Србија никој не сака да зборува за злосторствата на југословенскиот диктатор Тито. Владата на Љубчо Георгиевски беше соборена во 2001 година за да се спречи отворање на Македонија кон Бугарија и Албанија. Југославија никогаш нема да се обнови. Белград ја користи Српската православна црква за да ги потчини другите православни народи, па затоа не ја признава автокефалноста на Македонската православна црква. Денес, ВМРО-ДПМНЕ е најпросрпската партија во РС Македонија. Албанските политичари во РС Македонија, Косово и самата Албанија им служат на странски интереси, вклучително и на српските. Вие не можете да имате слободни медиуми во заробена земја.
Ова го изјави во ексклузивното интервју за БГНЕС еден од најпознатите македонски новинари, Насер Селмани, кој долги години беше претседател на Здружението на новинари на Македонија. Тој во моментов е главен уредник на авторитетниот интернет медиум zoom.mk
Агенцијата БГНЕС го објави целиот текст на интервјуто:
БГНЕС: Зоран Заев изјави дека поранешна Југославија со ѕид ја одделила Македонија од Бугарија. Што сакаше да каже Заев со тоа?
Насер Селмани: Заев е еден од ретките македонски политичари што може да носи смели политички одлуки, како што покажа со потпишувањето на Договорот со Грција. Според мене, во ова интервју тој немаше доволно време да објасни зошто го рече тоа. Не беше Југославија таа што изгради ѕид, но таа ја искористи ситуацијата по 1948 година, кога Советскиот Сојуз и Тито ги раскинаа односите, што беше добредојдено за Југославија, и таа го изолираше населението кое имаше симпатии кон Бугарија. Од друга страна, изолацијата со Албанија го оневозможи контактот со албанското население во Косово и Македонија. Југославија едноставно ги искористи односите создадени од големите играчи. Тито не направи ништо ново.
Во Македонија сè уште има симпатии кон Тито и се верува дека тој е диктатор, но добар диктатор. Ова е шизофреничка реторика што се користи во Македонија. Според неа, има добри и лоши диктатори, а Тито е еден од добрите.
Што направи Тито? Тој не стори ништо друго освен да го спроведе Договорот од Јалта (меѓу Сталин, Черчил и Рузвелт). Југославија беше поделена на зони на влијание 50-50, а Тито строго се придржуваше кон овој договор. Никој не оспорува дека Тито бил искусен политичар. Но неговото претворање во ангел е најголемата глупост. Ниту во Македонија ниту во Србија никој не сака да зборува за злосторствата за време на режимот на Тито. Никој не говори за тоа дека во периодот на тоа владеење – околу 35 години, словенското население во Македонија, кое имало симпатии кон Бугарија, не било третирано добро. Не случајно во овој период се протерани од 200 000 до 300 000 Албанци од Македонија и Косово и депортирани во Турција.
Оние што денеска го фалат Тито мора да ја знаат другата вистина за да разберат дека ние што не го сакаме имаме причина за тоа. Имаше голема неправда кон некои народи за време на неговиот режим.
Во оваа смисла, мислам дека Заев е про-Титовски овде, но во реалноста, бидејќи таквата идеологија веќе не постои, станува збор за просрпска политика во Македонија. Очигледно, ова е прифатено од српската политика, а Белград ја користи оваа ренесанса на про-југословенизмот во Македонија: дека тоа беше многу добро, дека живеевме многу добро. Тие манипулираат со чувствата на обичните луѓе дека ако некако ја обноват оваа структура, луѓето повторно ќе живеат добро. Тоа е мртва идеја и никогаш нема да се врати.
На крајот на краиштата, ако оваа идеја, југословенската, беше навистина добра, тогаш како самите Словени сакаа да ја напуштат оваа формација? Ако беше толку добро во Југославија, зошто некои словенски народи се одвоија од неа дури и преку војна?
Ова се реликви од тоа време, кои, за жал, сè уште се силни во Македонија и имаат силно влијание врз неа.
Најголемиот недостаток е што од прогласувањето на независност на Македонија, македонската опозиција никогаш не била толку просрпска колку што е во моментот. Груевски замина, но ги остави своите следбеници.
Од друга страна, Заев има силно просрпско влијание во самата партија. Во оваа ситуација, верувам дека Заев има врзани раце и би му било тешко да ја победи оваа политика, која во пракса моментално доминира во Македонија.
БГНЕС: Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски неодамна рече дека Македонија е контролирана од „длабоката држава“. Кој работи против државните интереси на земјата?
Насер Селмани: Таа е истата структура. Ние или не сакаме да прифатиме, или се правиме дека не знаеме дека оваа структура, која владееше со оваа територија од 1945 до 1990 година, изгради такви структури во безбедносниот систем, во академските институции, медиумите, во сите стратешки области на општеството, каде постојано ја протнуваше тезата дека Македонците се под закана од Бугарите и Албанците. Зошто? Затоа што ако е вистина дека словенското население е загрозено од Бугарите, од една страна, и од Албанците, од друга страна, тие остануваат незаштитени. Во тој случај, би било нормално некој да им помогне и да ги спаси. А кој е тоа? – Србија, затоа што Србија не може да игра на друга жица освен таа, затоа што тука има околу 20-30 000 Срби. Таа не може да игра на етничката карта. Но, ако ја користи тезата дека словенското население е загрозено од некого, тогаш има смисла Србија да се појави како нејзин заштитник. Оваа теза се експлоатира веќе 45 години и има корени во Македонија. Тешко е за луѓето 45 години од училиште да ги градат како индивидуи за да ги убедат преку ноќ дека не е така.
Љубчо Георгиевски зборува вака затоа што практично беше соборен од типични политички удбашки методи. Прво се појави скандалот со прислушкувањето- се сеќавате како Црвенковски излезе и објави дека македонската полиција прислушкувала граѓани, па дури и странски амбасади, ова предизвика политичка криза, а потоа се случи и конфликтот во 2001 година, што не беше ништо друго освен злоупотреба на земјата од југословенската тајна служба која има свои структури насекаде. Таа ги врати своите соработници од западните земји за да ја завршат задачата на српската политика. А каква беше задачата? Да не дозволат на Љубчо Георгиевски и на Арбен Џафери да ја отворат Македонија кон Албанија и кон Бугарија.
Македонија не може да се развива како држава без нормални односи со сите соседи.
Со ваква антибугарска реторика, Македонија нема да може да се етаблира како стабилна и просперитетна земја во регионот.
Она што е поважно е извештајот (на ЕК – ур. Белешка), кој е уште поверодостоен и кој во 2015 година покажа и нагласи дека Македонија е поробена земја. Со други зборови, Македонија функционира како полициска држава. Европејците се поделикатни и не сакаат ова да звучи толку грубо. Благодарение на скандалот со прислушувањето, видовме како работи оваа земја. Во пракса, продолжува да се управува со типични полициски методи. Шефот на тајната полиција е главната личност во земјата – не премиерот, претседателот, министрите или парламентот.
Мијалков беше всушност кралот на Македонија, кој одлучува кој ќе биде премиер, кој ќе биде министер, кој ќе биде пратеник, како ќе се избираат судии, како ќе се распределуваат судски случаи, како ќе се објавува во медиумите, ако има нешто организирано од неговата служба во Македонија. Ова не се претпоставки, туку факти што ги потврдија европски експерти.
Што се случи? Се смени власта. И што од тиа? Всушност, Груевски не создаде ништо ново, туку само го покажа грдото лице на овој режим.
Што стори Заев по доаѓањето на власт во 2017 година? Ништо! Ги амбицира сите. Груевски избега. Што мислите, како можел да избега во Унгарија без дозвола? Може ли некој така лесно да премине 3-4 граници? Пред граѓаните се играат сценарија дека некој ќе одговара за нешто, но во реалноста не се бара одговорност. И дали знаете зошто? Бидејќи овие луѓе учествуваа во играта на „длабоката држава“. Овие луѓе не беа надвор од контрола. Не можете да го обвинувате само Груевски за тоа што го направи. Она што го направи Груевски го стори режимот изграден во Македонија. А овој режим е сè уште жив.
Додека не се распушти оваа насилна политичка криминална структура, оваа земја не само што нема да се интегрира во Европа, туку ќе има и проблематична иднина.
БГНЕС: Зошто во Скопје се слави Св. Сава и каква порака се испраќа со тоа?
Насер Селмани: Св. Сава се слави затоа што со законот за празници владата на Груевски го прифати предлогот на српската заедница да се слави нивен национален празник и тоа да биде Св.Сава. Ова не е проблем на Србите, зошто албанската партија, која во тоа време беше на власт, се согласи овој празник да биде славен како најважен за српската заедница во Македонија. За споредба, Албанците го слават Денот на албанската азбука, а Турците го слават денот кога се отвора првото училиште. Дали мислите дека Србите случајно одбраа да го слават Св. Сава?
Кој е Св. Сава? Тој е прв архиепископ на Српската православна црква. Затоа Српската црква не ја признава автокефалноста на Македонската православна црква. Што покажува Српската црква или Српската држава со ова? Дека овие православни народи кои живеат тука се Срби. Не случајно Вучиќ во Белград гради споменик на Стефан Немања. И не со крст, кој е симбол на христијанството, туку со меч.
Можеби ви звучи како наивна приказна, но не е така. Зад оваа политика стои голема, сериозна земја како Русија. Уште во 18 век, во 1774 година, со договорот меѓу Отоманската империја и Царска Русија, Високата порта го признала правото на Русија да биде бранител на православното население. Всушност, од тогаш, руското влијание на Балканот помина низ црквата, и овие свештеници не беа проповедници и бранители на христијанството, на Божјата промисла, туку беа само обични агенти на една политика. Не случајно, српската политика се поврзува со православието. Преку него, Србите врзаа многу други нации и врз основа на тоа тие имаат национална држава. Сите други земји се изградени врз основа на нивната сопствена национална историја. Зошто верскиот конфликт е нагласен како национален приоритет? Затоа што во спротивно Србите не можат да имаат претензии кон Косово, кон Македонија, кон Санџак, каде што живеат Срби? Може ако се обложи на картата на православието. Бидејќи во средниот век српската држава стигнала до Солун. Но, не е точно дека ова било само српско кралство, туку кралство на Србите, Бугарите и Албанците. Во тоа време на луѓето не им било важно дали се Албанци, Срби, Бугари или Грци, туку верската припадност. Сега ова се враќа во друга форма, но суштината не е променета.
Сакам да кажам дека преку Србија, Русија се обидува да го врати влијанието на Балканот.
Во Македонија, политичката елита направи катастрофална грешка, продолжувајќи да се потпира на српската карта. Се плашам дека македонизмот може да пропадне поради начинот на кој тие се обидуваат да ја промовираат оваа идеја овде слично како југословенството. Се надевам дека има разумни луѓе во Македонија кои ќе ја почувствуваат српската стапица и нема да паднат во неа, бидејќи тоа неизбежно ќе доведе до конфликт со другите народи. Македонците немаат никаква корист да ги прават Бугарите или Албанците како свои непријатели. Како држава, тие треба да развиваат нормални односи и да соработуваат како соседи врз основа на меѓусебно почитување и разбирање.
БГНЕС: Зошто албанските политичари во Скопје молчат за воведувањето на српскиот јазик во основните училишта?
Насер Селмани: Постојат многу причини. Ако оваа југословенска држава успеа да создаде структура меѓу словенското население, кое сè уште чувствува носталгија кон југословенството и е поврзано со интересите на Србија, таа создаде и свои пријатели меѓу Албанците. Не смееме да замижуваме на фактот дека сè уште има Албанци кои донесуваат политички одлуки, кои сѐ уште ги поддржуваат односите со Белград. Каков беше предлогот на Тачи за размена на територии меѓу Косово и Србија? Каква е политиката на Еди Рама, кој ја претвори Јужна Албанија во масовна гробница во која Грција бара коски на грчки војници? Тоа покажува дека политичката елита не во Скопје, туку во Тирана и Приштина е контролирана од Белград, а преку неа е контролирано и Скопје. Не смееме повеќе да ги затвораме очите пред овој факт.
Оваа политика е многу паметна. Ќе ви дадам еден пример: Во 1993-1994 година, Црвенковски одби да отвори педагошки факултет во Тетово, кој ќе обучува наставници по албански јазик за основните и средните училишта. Тој беше против тоа. Во 2002 година, се согласи да се отворат 3-4 универзитети. Дали знаете зошто? Причината е што на Црвенковски и луѓето зад него не беше важно Албанците да се образуваат, туку да произведуваат функционално неписмени луѓе. Овие функционални неписмени денес се во политиката, во парламентот, си играат министри во владата, градоначалници на градовите. И сега ме прашувате зошто молчат. Кој од нив, производ на пропаганда, може да се бори против неа кога самите тие се производ на истата таа пропаганда? Ако Албанец сака да стекне универзитетска диплома без да стапне во универзитетот, тој веќе се согласил да стане жртва или заложник на оваа политика. Зарем не мислите дека не е познато дека Албанецот си ја купил дипломата?
Тука не можеме да зборуваме за албанска политика. Тука има луѓе кои само играат улога и се обидуваат да му покажат на светот дека Албанците се претставени во власта. Истото се случува како во времето на поранешна Југославија. Албанците имаа претставник во југословенското претседателство, Синан Хасани. Дали некој може да си помисли дека Синан Хасани имал некакво влијание врз југословенската политика? Исто колку што имаат министрите или лидерите на албанските политички партии во Македонија денес. Ова е само лага. Но, не треба да ги обвинуваме само про-југословенските или про-српските политики за тоа – одговорноста треба да се преземе и од самите Албанци.
БГНЕС: За крај дозволете ми да ве прашам дали во Македонија има слободно новинарство?
Насер Селмани: Не можете да имате слободно новинарство во поробена земја. Не може да има слободни новинари во неслободна земја. Да ја анализираме состојбата во Македонија. Видовме како Мијалков им наредуваше на главните уредници како треба да изгледаат репортажите во телевизиите. Овие луѓе сè уште работат во македонските медиуми. Во нормална земја, тие не би се појавиле никаде, а не па да продолжат да пишуваат и да се осмелуваат да даваат совети за тоа каква политика треба да има оваа земја. Да почнеме од финансирањето и да видиме од каде им се парите. Груевски ги финансираше преку владина пропаганда, а Заев го замени со политичка пропаганда. Ако Груевски даваше јавни средства за да им објасни на граѓаните колку е успешно неговото владеење, сега Заев за време на предизборната кампања им даде милиони на медиумите преку политичките партии за да покажат колку добри програми имаат за да ги освојат потенцијалните гласачи. Немам проблем со пропаганда, но не може истата да се плаќа со јавни средства, со мои пари, со пари на даночните обврзници.
Во сферата на финансирањето, еден систем е едноставно заменет со друг, што е во суштина ист: да се контролира уредничката политика или клиентелистичкиот однос на медиумите со политиката.
Да видиме каква е безбедносната состојба на новинарите. Кога го напуштив Здружението на новинари, имаше над 50 физички и вербални напади врз новинари, уништени имоти – автомобили, гаражи, куќи. Симболичен број од тие случаи се откриени. И во последната година, бројот на напади врз новинари е зголемен за 300%. Ова значи дека овие сторители се заштитени од државата и системот и тие не се случајни луѓе. Некои од нив се мотивирани и охрабрени да напаѓаат новинари со цел да ги замолчат и да ги контролираат. Како поинаку да се објасни фактот дека од 50 напади биле откриени 2-3, а другите не можеле. Зошто? Затоа што очигледно има некој силен што ги штити. Ако медиумите се финансирани од корумпирани политички шеми и ако новинарите не се сигурни во нивната работа, какво професионално новинарство очекувате во Македонија? Граѓаните на Македонија се тероризирани од највлијателните медиуми во Македонија. Можете да видите дека политичките партии организираат 5-6 прес-конференции на ден. Во која друга земја највлијателните медиуми ги пренесуваат овие изјави? Секој ден луѓето се бомбардирани со политичка пропаганда. Медиумите мора да бидат филтер и оваа политичка пропаганда не смее да допира до граѓаните.
Во слободните земји има слободни медиуми. Ангела Меркел секако има способност да ги контролира германските медиуми, но тоа не го прави затоа што верува во демократските принципи и слободата на медиумите. Доколку граѓаните не се информирани навремено, квалитетно и прецизно, тие не можат да имаат одговорни позиции за себе и за земјата во која живеат.
https://fb.watch/3o5n_x9SRm/