Пишува: Никица Корубин

За сите оние кои ја следеа неколкумесечната подготовка, на веќе официјално најголемиот концерт во светски рамки, на хрватскиот пејач Томпсон, со преку 500.000 илјади посетители; веројатно ги “уловија” и реакциите на хрватската и регионална “прогресивна и либерална” јавност, кои критиките ги обликуваа околу главната теза: антифашизмот. Алудирајќи притоа, разбирливо на “фашизмот” односно на историското “усташко движење” како иманентно фашистичко.

Но, што е всушност позадината на денешното инсистирање да се испразнат од секаков историски контекст, изворно народните и револуционерни движења (усташтвото во Хрватска или ВМРО кај нас), и да се сведат на чист фашизам? Па, така во случајот на Томпсон, неговата несомнено провокативна и спорна иконографија, не беше поврзана со “домовинската војна” во деведесетите години и одбраната на Хрватска од српскиот хегемонизам, маскиран во одбрана на Југославија; туку исклучиво (и намерно) се поврзува со фашизмот од втората светска војна.

Компромитирајќи ги со “еден удар” и хрватската етничка и национална свест; но и врзувајќи го “либерализмот и национализмот” единствено со “левицата” што во случајот би бил комунизмот и пост-комунизмот и “нашминканите” наследници во форма на социјалдемократија и либерални опции. Или подобар термин би бил “комуњарството” како жаргонски израз за припадник на комунистичкиот режим и партија, но без изворна комунистичка идеологија. Лукративни и наменски, наследно и наследено, повторно во пресметка и денес, со изворните етнички идентитети, кои закрилата ја бараат во различни екстреми.

Кај нас, сликовито тоа го видовме со директната државна интервенција врз историјата (фашистичката етикета врз историски ликови како Ванчо Михајлов, надвор од нивниот историски и животен контекст); и особено го гледаме со “рехабилитирањето” на класични експоненти на наметнатиот комунистичкиот режим, Лазар Колишевски, и тоа од формално конзервативна и национална партија, која во случајов би влегла во “дефиницијата” од насловот – комунистички “национализам”. Но, она што е уште поинтересно кај нас е комунистичкиот “либерализам”.

И тој комунистички “либерализам”, длабоко навлезен во (заробената) држава, која се уште го нема официјално означено комунистичкиот режим како тоталитарен режим, согласно европските демократски пракси; не е многу упатно и веродостојно да ја критикува демократијата во ЕУ, а уште помалку константно да го (зло)употребува антифашизмот во современ контекст.

Со омилената парола, не на изворните идеалисти, антифашистички и други борци од крајот на 19-от век, па се до втората светска војна; туку на пост-воениот репресивен комунистички режим – “смрт на фашизмот, слобода на народот” – присвојувајќи го на тој начин целиот наратив за македонскиот идентитет; кој може и мора да биде исклучиво комунистички, односно “комуњарски”. И на тој начин директно, бришејќи ја изворната комунистичка идеологија, и заменувајќи ја со праксите на комунстичкиот режим, кој се само ревитализирани и формално демократизирани, денес во Северна Македонија.

И можеби тоа е една од причините за сувопарноста и површноста за така сложена тема како што е идентитетот и особено “гаранциите за идентитетот”. Затоа што ако се навлезе, повеќе од дозволеното во оваа тема, на површина ќе излезат сите маргинализирани и намерно заборавени – и теми и личности – кои суштински го чуваат и негуваат идентитетот; на сметка на паролата која треба да биде замена и параван за суштината. Која и да е таа парола, пораката е јасна, а и носителите на наративот.

И ако се тргне “антифашизмот” како закрила, тогаш ќе го видиме вистинскиот распон на “заробеното општество”. И не, тој нема да не одведе во фашизмот, туку ќе не’ одведе на маргините, и на причините зошто “маргините” се заменети со “маргиналните” добро чувани од дозволените верзии на национализмот, либерализмот, прогресивноста. Оние од комунистичкиот режим, кој си формираа свои подобни верзии. Демократија имаме 30-тина години, време е да се демократизираме. Овој пат вистински.