Дерби натпреварот на 19. коло во Бундеслигата се играше во Лајпциг, каде домашниот тим со 1:0 го совлада Баер Леверкузен.

Човек на одлука на дуелот помеѓу второ и четвртопласираниот тим беше Кристофер Нкунку кој единствениот гол го постигна во 51. минута. Финишот на натпреварот донесе големи возбудувања, но на крајот резултатот остана непроменет. Прво гостите можеа да дојдат до израмнување во 89. минута преку Аларио, за потоа во наредниот напад Забицер на спротивната страна да ја погоди пречката.

Со оваа победа Лајпциг се заврсти на второто место со 38 бода, седум помалку од лидерот Баерн Минхен но и пет повеќе од третопласираниот Ајнтрахт. За Баер Леверкузен ова беше втор пораз по ред, а трет во последните четири средби и остана на четвртото место со 32 бода.