Дин Хујсен, младиот дефанзивец на Борнмут, кој неодамна наполни 20 години, е блиску до трансфер во Реал Мадрид. Хујсен е второто засилување за новата сезона, откако претходно Реал се договори со десниот бек Трент Александер-Арнолд.
Фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо напиша на „Твитер“.
„Менаџерите на Хујсен пристигнаа во Мадрид за да го склучат договорот со Реал. Клубовите се согласија за сè, вклучително и дека обештетувањето во износ од 60 милиони евра, што е клаузулата за откуп, ќе биде платено од Реал на три рати. Останува Хујсен да се договори за своите услови со Реал. Но, што се однесува до клубовите, работата е завршена.“
„Чаби Алонсо, кој ќе биде нов тренер на Реал, побара од клубот да ја забрза реализацијата на трансферот на Хујсен бидејќи тој е врвен талент. Брзината беше клучна бидејќи клубовите од Премиер лигата Арсенал, Ливерпул и Челзи сакаа да го купат минатата недела, но Хујсен одлучи да почека за Реал, што е негов приоритет. Клучниот состанок на кој беше договорен трансферот во Мадрид се одржа во понеделникот.“
Хујсен е Холанѓанец по раѓање, како и неговите двајца родители. Сепак, семејството се преселило во Шпанија кога тој имал пет години. До почетокот на минатата година играше за младинската репрезентација на Холандија, но потоа доби шпанско државјанство и почна да игра прво за младинската, а сега и за сениорската репрезентација на Шпанија.
Пред четири години дојде во Јувентус, кој го позајми на Рома во вториот дел од минатата сезона. Минатото лето Јувентус го продаде во Борнмут за 15 милиони евра.
„Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на 42 милиони евра.
Текстот Реал и Борнмут го договориле трансферот на Хујсен е превземен од МАКФАКС.