Никола Покривач (39) трагично загина во сообраќајна несреќа што се случи во петокот, околу 20:15 часот, на обиколницата Турањска во Карловац, Хрватска.

Во несреќата учествувале четири автомобили – две лица загинале, додека три лица се хоспитализирани.

Покривач е роден на 26 ноември 1985 година во Чаковец. Фудбалската кариера ја започна во помладите категории на Братство од Јуровац, а потоа настапуваше за Чаковец и Вартекс. Во клубот од Вараждин се проби во сениорскиот тим, каде тренер му беше и актуелниот хрватски селектор, Златко Далиќ.

„Златко Далиќ беше мојот прв тренер во Вараждин. Тогаш имав 17 години. Да не беше тој, немаше да ме има ниту мене“, често истакнуваше Покривач.

Откако стана младински репрезентативец се покажа како голем талент, што го привлече интересот на големите хрватски клубови, Хајдук и Динамо.

Во Динамо пристигна во јануари 2007 година, а една година подоцна се пресели во Монако за 3,5 милиони евра. Подоцна играше за Салцбург кој за него на Монако му плати 2 милиони евра, а потоа се врати во Динамо. Играше и за Интер од Запрешиќ, казахстански Шахтјор Караганди и Славен Белупо.

Со Динамо четири пати го освојуваше хрватското првенство и три пати Купот на Хрватска, а истото го постигна и со Риека. Во Салцбург го освои австрискиот шампионат. За хрватската репрезентација, за која одигра 15 натпревари, дебитираше во 2008 година на пријателскиот натпревар против Молдавија.

Под водство на Славен Билиќ настапи на Европското првенство во 2008. Последниот настап за репрезентацијата го имаше во 2010 година.

Фудбалерот водеше тешка битка со Хочкинсовиот лимфом, рак на лимфните јазли што му беше дијагностициран во 2012 година. Тој ја победи оваа болест три пати, а последниот пат животот му го спаси донацијата на коскената срцевина на неговата мајка.

„Бев во изолација 50 дена, никој не можеше да ме посети, можев да ги гледам луѓето само низ стакло“, вели тој во едно од неговите интервјуа.

Од 2021 година настапуваше за хрватските нисколигашки клубови Пушчу, Тигар од Света Недеља и Војниќ ’95.

Покривач зад себе остави не само богата фудбалска кариера, туку и силна животна приказна која инспирираше многумина. Иако не напушти, ќе остане запаметен како борец и голем спортски професионалец.

Текстот Кој беше Никола Покривач? Хрватски репрезентативец и вистински борец е превземен од МАКФАКС.