Екипите на Газели Волеј и Пелистер Волеј од следната сезона ќе имаат прволигашки статус, односно ќе се натпреваруваат во Првата женска лига. Двата тима ова првенство доминираа во второлигашкото друштво, а по синоќешното затворање на сезоната тие и официјално го заверија своето место во најсилното натпреварување од септември.

Одбојкарките на Газели Волеј, шампионски си „газеа“ кон Првата лига, со оглед на тоа дека имаат 20 победи во исто толку одиграни натпревари сезонава и само три загубени сета.

Пелистер Волеј, пак, како второпласиран тим на табелата се „сели“ меѓу прволигашите. Битолскиот состав исто така одигра одлично првенство, со само два порази од главниот ривал за лидерската позиција – Газели Волеј. Двата тима повеќе од заслужено ќе се пробаат во посилниот ранг на натпреварување следната сезона.

Екипите на Бами Кор и Вардар Жени 2019, пак, кои финишираа како трето, односно четврто рангирани на второлигашката табела ќе играат бараж за влез во Првата лига. Противници во баражот ќе им бидат седмо и осмопласираните екипи од Првата лига, Струмица жени, односно Ускана. Првиот бараж натпревар се игра на 23 април (среда) кога Бами Кор ја пречеккува Ускана, додека Вардар Жени 2019 ќе игра со Струмица жени. Реваншите се предвидени за 26 април (сабота) по кој ќе бидат познати сите ученици во Првата и Втората женска лига за следната сезона.

(ПР)

Текстот Газели Волеј и Пелистер Волеј со прволигашки статус во следната сезона е превземен од МАКФАКС.