Сонот за одбрана на титулата Реал Мадрид го заврши со поразот од Арсенал. „Топџиите“ првиот четвртфинален меч го добија со 3:0, а синоќа славеа и во реваншот во Мадрид со 2.1. Арсенал се пласира во првото полуфинале во елитното европско натпреварување од 2009 година.

Синоќешниот меч на „Бернабеу“ веојатно беше последен за Лука Модриќ во Лигата на шампионите.

Освојувачот на „Златната топка“ во 2018 година доби шанса да влезе во игра во 72. минута од натпреварот, во момент кога беше јасно кој ќе оди во полуфиналето.

Веднаш по завршувањето на натпреварот, познатата шпанска новинарка Аранча Родригез изненади многумина со својата објава на социјалната мрежа „Икс“.

„Се чини дека ова беше последниот натпревар на Модриќ за Реал Мадрид во Лигата на шампионите“.

Со оглед на тоа дека Родригез има добри врски во клубот, нејзините зборови сугерираат дека Реал нема да му понуди нов договор на Модриќ.

Долгогодишниот предводник на хрватската репрезентација има важечки договор со „лос бланкос“ до крајот на актуелната сезона. Тој сака да ја продолжи сорабтката и за наредната сезона, но јасно е дека по елиминацијата од Лигата на шампиони, Реал ќе прави одредена реконструкција во летниот преоден рок.

Модриќ е најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид со 28 трофеи. Меѓу нив има дури шест Лиги на шампиони, четири шпански титули, два Копа дел Реј, пет светски клупски првенства и пет европски Суперкупа.

Текстот Модриќ го одигра последниот меч за Реал во ЛШ е превземен од МАКФАКС.