Норвежаните убедливи вечерва на Светското првенство откако го совладаа Алжир со 36:23, додека бодовите ги поделија Словенија и Шведска (28:28).
Без сомнение се очекува голема борба за четвртфиналните места во последното трето коло од главната фаза на Мундијалот во Египет.
Во групата „3“ Норвешка беше подобра од Алжир, први стрелци за скандинавската селекција беа Блонз со седум голови и Сагосен со шест, а на спротивната страна седум погодоци беа дело на Абди.
Вкупно три репрезентации во оваа група се во игра за една од првите две позиции, моментно во групата води Франција со осум бодови, пред Норвешка и Португалија со по шест.
На Французите ќе им биде доволен и бод на последниот дуел со Португалците кои пак не смеат да си дозволат пораз. Португалија може и со реми да дојде до второто место, но само доколку Норвешка загуби од Исланд кој веќе ги загуби шансите за учество во следната фаза.
Уште повозбудливо се очекува да биде и во групата „4“ каде што четири репрезентации се во игра за четвртфиналниот „билет“.
Вечерва во Каиро ремизираа Шведска и Словенија, кај скандинавците Ване седумпати се запиша во листата на стрелците, додека за Словенците шест голови имаше Гајиќ.
На табелата Египет е првопласиран со шест бодови, колку што има и Шведска, следуваат Русија и Словенија со по пет. Во последното коло Египќаните ќе се соочат со Словенците, а Швеѓаните за ривали ги имаат Русите.