Автор : Насер Селмани
Велат дека божицата на правдата, Јустиција, е слепа кога ја дели правдата, но раководството на ДУИ ослепува кога истражните органи изразуваат сомнежи за поранешните функционери на оваа партија во врска со можни злоупотреби за време на нивното речиси четврт-вековно владеење. Хистерична беше реакцијата на ДУИ за едномесечен притвор за поранешниот министер Крешник Бектеши поради сомневањата дека тој како највисок раководител на институцијата е можно да има одговорност за трагедијата во Кочани.
Ваквата бурна реакција на ДУИ можеби би била разбирлива за албанската јавност во Северна Македонија доколку во минатото ДУИ со истата жестина реагираше против селективната правда, кога обични Албанци беа изложени на монтирани судски процеси за време на коалицијата со Груевски. Но тогаш, ДУИ молчеше, а во некои случаи дури и ги поддржуваше казнените акции на режимот против Албанците, тврдејќи дека правосудството е независно и дека политиката не треба да се меша во неговата работа.
На Албанците добро им е позната скандалозната изјава на Бујар Османи во случајот „Монструм“, кога сè уште во фаза на истрага шпекулираше дека еден од обвинетите ја признал вината.
ДУИ нема причина да биде толку гласна во овој случај, бидејќи притворот за Крешник Бектеши го побара Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое го предводи обвинителот Ислам Абази – еден од најдоверливите луѓе на семејството Ахмети и кланот од Кичево во рамките на ДУИ. Ако обвинителството на Абази донело одлука за притвор, тоа значи дека има основан сомнеж дека Бектеши можел да ја напушти земјата, имајќи ја предвид праксата на други поранешни функционери на ДУИ кои не собраа храброст да се соочат со правдата и побегнаа.
Во овој случај, најголемата штета на Крешник му направија неговите сопартијци Артан Груби и Прпарим Бајрами, кои побегнаа веднаш штом дознаа дека се осомничени за разни злоупотреби на службената должност.
Покрај ризикот од бегство, Обвинителството на Абази, со одлуката за притвор, спречува и можноста осомничениот да влијае на сведоците, имајќи предвид дека дозволата за работа на објектот во Кочани била фалсификувана. Добро е познато дека кога објектот не ги исполнува условите за добивање на легална лиценца, се нуди поткуп и за добивање фиктивна дозвола.
Ако Крешник не ја потпишал лиценцата и не е вмешан во корупција, нема причина за загриженост, бидејќи ниту еден суд нема да може да го осуди.
Сепак, една работа е симптоматична – Крешник Бектеши го бранат адвокати кои во минатото го бранеле Драган Павловиќ Латас (адвокатката Анита Бегова) и активно барале амнестија за осудените за настаните од 27 април 2017 година (адвокатот Еленко Миланов).
Овој факт отвора сомнежи дека врските на ДУИ со поранешниот режим на Груевски сè уште се силни.
Самиот факт што Бектеши го бранат адвокати блиски до поранешната власт на Груевски ја урива тезата на ДУИ дека станува збор за политички реваншизам со етничка компонента. Од вкупно 34 уапсени во случајот „Кочани“, само тројца се Албанци.
Како и да е, коалицијата ВЛЕН нема луксуз да калкулира во овие околности. Мора да покаже непоколеблива решителност и да стои цврсто на страната на мнозинството Албанци, кои се жедни за правда – било за случаите како пожарот во модуларната болница во Тетово, Дурмо Турс во Ласкарце, Беса Транс и многу други. Не помина многу време кога, во случајот со модуларната болница, ДУИ беше таа која, со помош на полицијата и обвинителството, го задуши протестот на Албанците кои бараа само ПРАВДА. Кога би постоела правда, можеби трагедијата во Кочани ќе беше спречена.
ВЛЕН треба да биде во првите редови на сите граѓански иницијативи кои повикуваат на владеење на правото, неселективна правда и борба против корупција без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
За време на своето 22-годишно владеење, ДУИ покажа дека не се грижи за никого, освен за својата политичка секта. Тие не се плашат од селективна правда, бидејќи самите ја создадоа. Се плашат само од сопствените дела што ги оставиле зад себе.
А за нивните дела сведочат и САД, кои избраникот на Али Ахмети, Артан Груби, го ставија на црната листа поради сомневања за вмешаност во висока корупција.