Пишува: Ивон Величковски
Ако успее операцијата „Да му ја натовариме вината на Шиптарот (Бектеши)“, истрагата за „верижен пропуст“ ќе стане само постапка за верижно прикривање на одговорноста
Од моментот кога „Пулс“ станала „дискотека“ во 2012 до кобното неделно утро на 16 март:
– во МВР (министрите, преку началниците на полицијата и противпожарната заштита, под нивна надлежност),
– општината (и сега притворените градоначалници),
– МТ (министрите, преку началниците на подрачната единица назначени од нив),
– УЈП и ДПИ (нивните директори, преку подрачните раководители назначени од нив)…
… сите овие институции (на локално или национално ниво) потфрлиле во проверката (на исполнувањето на побаруваните стандарди за отворање и работење) на „дискотеката“.
Од пристапност на противпожарни возила во ваков случај се до бројот на присутни лица кобната вечер и присуството на малолетни лица во објектот.
Да не ја премолчиме ниту одговорноста на ентитетите кои вршат јавни овластувања (проектанти, обезбедување), но и коморите кои ги лиценцирале да вршат јавни овластувања.
За почеток, да се задржиме на примарното:
За „Пулс“ да добие лиценца, морало да добие мислења и дозволи по кои на крај добива лиценца од Министерството за економија, врз основа на мислењата и дозволите од органите на управата.
И морал да функционира во правниот и финансискиот промет од 2012 наваму – што значи да биде контролиран и инспектиран.
„Прво, овој документ е фалсификат, лиценца нема. Правен документ објектот нема од пред повеќе од една година, овој документ е фалсификат. Дали ДПИ требало да излезе токму во оваа дискотека, тоа не го пишува никаде во законот…“ – ќе изјави премиерот на Прес-конференција по кочанската трагедија.
Дали од ова треба да заклучиме дека всушност еден од притворените, екс-министерот за економија Бектеши одговара за „лиценца“ што не постои? Некој го употребил неовластено неговиот потпис? Не е логично да се истражи кој всушност го издал лажниот документ?
За илустрација: имате автомобил што подолго не го користите и ви стои во гаража. Некој ви го украл, вие не знаете за тоа и крадецот направил сообраќајка со вашето возило. Кој е виновен за сообраќајката, сопственикот на украденото возило или тој што го украл и управувал возилото? Според мене – вториот.
„Регулаторната гилотиња од пред 17 години кога се смени Законот за угостителство го внесе хаосот при издавање на лиценци и контрола на минимално-техничките услови за работа на ноќен клуб, дискотека и кабаре. Можеби една добра заложба од 2008, тогаш јас бев пратеник, да се намалат процедурите, сега е, гледаме, целосно злоупотребена…“ ќе каже министерот за транспорт.
Конкретно е прашањето по чија иницијатива, односно во интерес на која финансиска групација – тогашната влада и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ составиле вакви законски измени во кои ноќниот живот однесе во смрт за шеесетина млади?
Во чиј интерес е направен закон со кој со непостапување по стандарди е создадена длабоката со која полицијата и инспекциите на локално и државно ниво кои станаа обезбедување со „значка“ за локалниот рекет, дилање дрога и проституција?
Со ова прашање се соочени и Тошковски и Мицкоски – и Ковачевски и Заев сосе Спасовски – и Јанкуловска и Груевски како нивни претходници. Оти овие законски измени се од – 2008.
Доволно за почеток, иако може да се враќаме се до владата на Црвенковски, оти експлозијата на „белото“ во Кочани започна по првата рекет-афера во скопски „Хард рок“ – и никој не се позанимава ниту со неа ниту со трансформацијата на „Франкфуртската мафија“ во четириаголникот Велес – Свети Николе – Кочани – преку Виница, Пехчево и Берово се до – Струмица во доцните 1990-ти и раните 2000-ти.
„Градежниот бум“ кој зависи од градежни маркици, за потсетување, оди паралелно со оваа спрега на институциите и подземјето – чии состаноци се одвиваа во ваквите „елитни места“ како „Пулс“. А градежништвото, познато е – претставува гранката во која најлесно „се перат“ валканите пари. Заедно со игрите на среќа. Единствените растечки „индустрии“ во Северна Македонија веќе втора деценија, при влади и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
„Службеното лице од органот… кој ја води постапката (Министерството за економија) по службена должност ги прибавува доказите од ставот 2, точките 1, 2, 3, 4… од надлежен јавен орган…“
Според оваа правна „логика“, проблем е „лиценцата“, дури и да не е фалсикувана – а не проблематичните документи врз основа на кои лиценцата по закон мора да биде издадена?!
Министри, премиери, пратеници, директори… – објектот бил пломбиран и фирмата што го раководи има блокирана сметка – а до неделата работеа, „правеа пари“ и посеаја смрт. Толериран од претходни функционери – но пред очи на актуелни раководители во МВР, УЈП, ДПИ…
Да заклучиме:
– Не минува обидот „да му ја префрлиме вината на Шиптарот“, поддржан со операцијата „огномети во Скопје“.
– Не минува ниту конструкцијата „правната празнина“ да биде алиби за полициските, даночните, пазарните… инспектори и општинските раководители да се извлечат од одговорноста.
Пи-аР-от на ВМРО-ДПМНЕ и партиите од владејачката коалиција „да ја контролираат штетата“ нема да го запре барањето за одговорност и владеење на правото на нацијата.
Молкот на СДСМ и неговите собраниски коалиционери за малциско партнерство во „стивнување на гневот“ нема да го продолжи југословенскиот однос на Системските македонци кон Македонците и Албанците: сега преку етничко таргетирање на ДУИ, претходно ДПА, пред неа ПДП… како „извор на проблемот“.
Да, поделени сме: на една страна вие – узурпаторите на системот, на друга страна ние – репресирани од државата што не убива со невладеење на правото.
Не по етничка линија, како што посакувате, туку по линија на борбата со криминалот и корупцијата креирани од вас. Односно од тајкунеријата во чија сопственост сте.