Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ изрази задоволство од доаѓањето на Марио Манџукиќ на „Сан Сиро“. Хрватскиот напаѓач ја официјализираше соработката со „росонерите“, а во продолжението од сезоната ќе се формира искусен напаѓачки тандем.
– Среќен сум, сега има двајца од нас да ги плашиме противниците – рече Ибрахимовиќ за „Скај Италија“.
Ибра синоќа му донесе победа на Милан на гостувањето кај Каљари со два гола (0:2).
– Морав да постигнам уште еден гол. Натпреварот беше тежок. Немам играно 57 дена, се извинувам. Тоа може да се случи – истакна Ибрахимовиќ, а потоа се осврна на младите играчи во тимот:
– Младите ме мотивираат, ме предизвикуваат да видиме кој повеќе трча. Не се предавам и покажувам дека можам да трчам како нив. Ние работиме добро, скоро сме на половина од шампионатот. Сега започнуваат најтешките натпревари. Ќе биде тежок распоред, но сега со Манџукиќ и Меите, и не знам дали ќе дојдат други, ќе имаме повеќе играчи на располагање и така тренерот ќе може да ротира – додаде Швеѓанецот.