Владата подготвува План за борба против лажните вести. Медиумските организации се затечени и недоволно информирани за идејата на владата. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат дека тие се изворот на лажни вести. Невладините организации решението со дезинформациите го гледаат во создавање амбиент за кредибилни медиуми и професионални новинари.
Премиерот Зоран Заев на крајот на минатата година промовираше 10 приоритети на Владата за 2021 година, наречени „Акција 21“. Според него се работи за големи и важни домашни проекти, чија цел е постигнување на европските стандарди дома. Еден од приоритети е наречен „Стоп за дезинформациите“, чија цел е Владата да се спротивстави на ширењето на лажните вести.
Предвидено е да се изработи „План за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата“, а премиерот очекува дека Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет,
Но, Заев на прес конференцијата не објасни детално како ќе функционира тој систем на препознавање и проверка на лажните вести и кои организации ќе бидат вклучени во процесот.
„Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес“, изјави Заев.
Неколку дена подоцна повеќе детали за Планот обелодени портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Со овој План изработен е и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, којшто за време на ковид кризата изминатата година, значително придонесе во сузбивањето на лажните вести кои во огромен број беа пласиран преку медиуми со сомнително финансирање и блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ “, изјави Кузеска.
Со реакција на прес конференција со соопштение излезе ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека изворот на заразата лажни вести е СДСМ и дека Заев и партијата не може да бидат лекот за спречување на заразата.
„СДСМ призна дека цензурира вести. На прес конференцијата на СДСМ Богданка Кузеска кажа дека изготвиле стратегија за цензурирање на медиуми. Дали Кузеска во име на политичка партија подготвува платформи за лажни вести, наместо тоа да го прави официјално Владата?“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во време кога премиерот Заев сака Северна Македонија да биде лидер во борбата против лажните вести, граѓаните го мислат спротивното.
Во истражување за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19, спроведено од Македонскиот институт за медиуми, во соработка со агенцијата М-Проспект, граѓаните веруваат дека токму политичките партии се најголеми дистрибутери на лажните вести.
„За тоа кој ги создава дезинформациите и мисинформациите, секој четврти испитаник смета дека тоа се политичките партии и елити (25.5%), повеќе од петтина (22.5%) мислат дека тоа се самите новинари и медиуми, 19.3% ги посочиле поединците на социјалните мрежи, а 12.7% ги издвоиле здравствените власти. Стручњаците од областа на медицината и меѓународните актери биле посочени од 3% од испитаниците, стои во соопштението на МИМ.
Според истражувањето, нас 28 посто од испитаниците сметаат дека најчесто дезинформациите ги забележуваат на социјалните медиуми, со над 26 посто следат телевизиските канал, а 19 отсто ги посочиле интернет порталите.
Огромен број на испитаници, над 84 отсто, сметаат дека Фејсбук е најголем извор на дезинформации и мисинформации, а под десет посто од исптганиците ги посочиле Јутјуб и Твитер.
Во телевизиско гостување мината недела идејата се обиде попрецизно да ја дообјасни Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, кој изјави дека Владата и институциите ќе реагираат веднаш на секој обид на дезинформирање на населението.
„Ние сакаме да ги искористиме сите капацитети на институциите и сакаме да ги поттикнеме сите други чинители, од медиумските организации, од медиумите, граѓаните, граѓанското општество, образовните институции да ги искористат максимално своите капацитети. Притоа немајќи претензија да се наметнеме како оние кои најмногу знаат на темата, како оние кои на другите ќе им кажат што треба да прават. Не, затоа велиме планот е нацрт. Ќе остане засекогаш нацрт, бидејќи во светов се уште не постои наука, базирана на научни факти за справивање со дезинформации“, рече Забрчанец.
Директорот на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, смета дека голем дел од лажните вести доаѓаат од политичките партии.
„Битните теми за општеството кои се од јавен интерес имаат проблем да испливаат во текот на еден ден, бидејќи на дневна основа двете главни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се ставени во нивните ровови и пукаат меѓу себе со информации и дезинформации. Во тој тип на информативна битка страдаат најчесто граѓаните. Бидејќи тие се тие кои не можат да добијат информации, едноставно во медиумскиот простор доминираат прашања од дневна основа кои немаат посуштествени значења“ рече Секуловски.
Неодамна во интервју за Зум.мк и претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека главниот извор на лажни вести се политичарите и политичките партии.
„Ширењето на дезинформации е едно од најголемите зла со кои се соочуваме ние како новинари, но и општеството во целина. Главните креатори на лажните вести се политичарите. Извориштето на лажните вести и пропагандата доаѓа од политички мотивирани принципи, односно непринципи“, изјави Чадиковски за Зум.
Жане Трпевска од Институтот Ресис вели дека во Планот на владата не е доволно објаснето каков тип дезинформации ќе се проверуваат, каде се шират и кои се изворите.
„Забуната и стравот и претпазливоста кај новинарските асоцијации доаѓа оттаму што можеби се мисли и на медиумите како извори на дезинформации. Бидејќи се посочени квази медиумите како еден од изворите на ширење лажни вести“, смета Трпевска.
Според неа улогата на владата е да создаде услови да има што повеќе независни и професионални медиуми кои што ќе го завземат етерот и јавниот простор со точни и кредибилни информации.
„Кога имаме медиумска околина во која има професионални медиуми, помалку има веројатноста публиката да биде изложена на дезинформации. Нема да биде решение, според мене, институциите да одговараат инстантно на дезинформациите. Решението е да има што повеќе кредибилни медиуми. Добро е владата што сака да отвори дебата, но не може да го води целиот процес и да соработува со факт чекерите“, смета Трпевска.
Премиерот најави во периодот што следи засилени активности и широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите.
Маја Јовановска