Пишува: Владимир Перев

  1. Кокошарникот…“

Уште од неговиот прв мандат, сите знаевме кој е Доналд Трамп. Егоцентрик, психички нестабилна личност, сексуално алчен ама импотентен (Сторми Данијелс и нејзините најстрашни 50 секунди!), патолошки лажов, слабо образован, неучтив и со манијачни синдроми, материјалист кој и мајка сѝ би ја продал за ситно, вечно во долгови и фалименто, одново го видовме на политичката сцена. Чиста деструкција и дехуманизација на политиката и тековините на европската, па и светската цивилизација. Сето ова, во јавна телевизиска емисија која треба да биде “само интервју“, на еден духовит и култивиран начин ни го соопшти познат македонски новинар и аналитичар, близок, како до американските, така и до “трамповските“ политички кругови. Потоа, деновиве откриваме дека таквиот Трамп бил и агент на КГБ, врбуван уште од времето кога бил со својата прва сопруга Иванка на турнеја во Москва и Санкт Петерсбург. Потоа разбравме дека и Иванка, како и божествената Меланија, заедно со нејзините родители одамна биле врбувани за работа во советските/руските разузнавачки служби.

Потоа, македонските “државни“ медии (само такви и имаме), се огласија со осуда за “интервјуираниот“ новинар, за истиот подоцна, во едно друго интервју, онака насмеан и добро расположен да каже “не кажав ништо страшно, само фрлив петарда во кокошарник…и сега насекаде летаат перје“. Кокошарник, разлетано перје од една глупава петарда…одамна не е кажана поголема вистина за нас на овие пространства.

2. Сенките на Сан Стефано.

На 3-ти март, бугарите го чествуваат својот национален празник. Во далечната 1878 година, на оваа дата, во прекрасното Сан Стефано е формирана бугарската држава, наследник на Второто бугарско царство. Оваа држава во себе вклучува територии поголеми и од Самуиловот царство и е распослана од Црното море до Корча и од Дунав до Егејот. Македонија е нејзиниот составен дел, такаречи, најголемиот дел од тогавашна Бугарија. Денес, во Бугарија па и во РСМакедонија, се водат дискусии за потребата овој датум да биде денот на чествување. Се знае дека договорот во Сан Стефано е инспириран како потреба од руска превласт на Балканот, за потоа од самата Русија да биде обезвреднет. Но тоа не е важно. Порано напишав, да се повторам…Во ова време Бугарија е напредна држава во рамките на ЕУ, но сенките, дебелите сенки на руската империјална политика, сенките на руската окупација и сентиментот кој сеуште некои го негуваат кон Русија, говори за дебелите и мрачни сенки на Сан Стефано и никогаш доизјаснетата позиција по тој несреќен договор.

Зошто е тоа така? За поробеното население на Македонија и Тракија, Сан Стефано од остварен сон за долгоочекуваната слобода, се претвора во далечен мираж на неостварените желби за слобода и единство на бугарското племе, илузија за навидум реализираното величие од Самуиловиот период и царството на Асеновците. За поробените македонци Сан Стефано е сенката за одмор, по долгото и тешко патување низ ропскиот османски систем. Така Сан Стефано станува неостварениот симбол на светлината и слободата, симбол на единството. Тоа е местото каде што ја имаа илузијата дека сите заедно ќе се одморат од долгиот пат кон слободата и ќе го отфрлат ропскиот јарем.

Денес е малку важно дали Трети март ќе биде државниот празник на Бугарија, или тоа ќе биде некој друг, сосема обичен ден. Може да биде и некој необичен, особен ден…барем такви ги има многу во општата историја на бугарскиот и македонскиот народ. Но кој друг ден и да биде нашиот државен или ако сакате државотворен празник, сенките на Сан Стефано секогаш ќе бидат над нашите глави. Сега знаеме дека тие сенки ја замрачиле светлината на слободата и стојат како проклетство над нашите глави. Со сето проклетство што го донесе духовното и материјално робство на нашите народи по 1878 година, сепак Сан Стефано останува како првиот зрак, првиот весник на слободата на поробените и обесправените. На овој ден ние се гордееме со стекнатото, оддаваме почит на сите жртви во освојувањето на слободата и никогаш, никогаш не треба да ги заборавиме гревовите на силите кои го злоупотребија и сеуште го злоупотребуваат нашиот национален идеал…слободата и единството на бугарското племе!

3. Печените кокошки

Релативно брзо ќе заврши војната во Украина. Европа, заточена во стапицата на Трамповата администрација, брзо ќе ја почуствува горчината на поразот. Тоа е познато горчливо чувство, речи си сите европски држави, некои и по неколкупати, ја почуствувале безизлезноста од поразот. Ние сме млада држава, немаме вистински војни и порази, но дел од нашата јавност, сеуште се бори со непријатните чувства од Охридскиот рамковен договор. Не, тоа не беше капитулација, тоа беше само договор после конфликт за проширување на човековите права на народносните заедници во земјата.

Мицкоски и македонската влада во ООН се позиционираа на страната на САД и со тоа сѐ е кажано. Одбраа страна, заедно со неколку други држави, каде не се осудува агресијата на земјата агресор-Русија. Дали тоа значи дека ние сме согласни со тој начин на решавање на меѓудржавните прашања и дали тоа значи дека сме согласни и врз нас, некој од нашите “алчни“ соседи да ја примени истата тактика. Сите се посилни од нас, дали самите себе сѝ се ставаме во позиција на жртва на агресија. Дали сме согласни Србија да го нападне Косово, или да изврши „аншлус“ на Република Српска, или да побара примена на Референдумското прашање и просто да не “присоедини во сојуз со другите (преостанати) југословенски републики“. Можно ли е, сосема набрзо да ги почуствуваме одговорите?

Преку понижувањето на Зеленски во Белата куќа, американската администрација и Трамп лично, ја понижија Европа. Сега следи поразот. Европа може да биде и поразена и понижена, но европската идеја не може да биде надмината и заборавена. Но, нашето место е со таквата Европа, поразена и понижена. Заради таквата Европа, Христијан Мицкоски полека го напушта европскиот брод “кој тоне“ и се приближува кон другите сфери на влијание. Не сака да учествува во некаков пораз на Европа. Има желба да биде со оние кои се поблиску до победниците.

Деновиве беше во посета на Турција. Го покани Ердоган на гости. Некој треба да му каже да внимава што говори, последниот пат кога “ердогановите“ ни дојдоа на гости, ни останаа петстотини години…

Нему тоа му е сѐедно! Сака со победниците, но…

Важно е дека во нашиот “кокошарник летаат пердуви на сите страни, од само една петарда“…допрва ќе се печат кокошките!