Пишува: Никица Корубин
Дали некој се уште се сеќава на посетата на Албин Курти на Северна Македонија, летото 2023 година? Онаа неофицијалната, на Тетово и Скопје, кога се дигна цела “јавност”, влада, претседател, тогашна опозиција; медуими, аналитичари; со бесконечни анализи за неговата провокација, за мешањето во нашите внатрешни работи, за опасноста неговата партија Vetevendosje (Самоопределување) да формира партија и кај нас, и Косово да ни ја води внатрешната политика.
Но, всушност главниот проблем беше оваа, подзаборавена порака на Курти, тогаш, кој во меѓувреме речиси целосно “заборави” што некогаш говорел: “Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира ни од Милошевиќ, ни од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до зачленувањето во ЕУ, а нашиот регион на Балканот ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да и помагаме и ќе ја поддржиме Северна Македонија, порача Курти.” – 11.08.2023, Тетово”.
Албин Курти, косовскиот премиер, одговорот го доби, уште незаминат од Македонија, во демонстрација на невидена обединетост по прашањето на нашето членство во ЕУ, позициско-опозициско, камуфлирано во “одбрана на идентитетот”; чија негова понудена поддршка го доби третманот на секоја поддршка, која по ова прашање доаѓа од секаде: игнорирање. Но, она што не беше игнорирано, ни тогаш ни сега, е “третманот” на Србија (српскиот свет) во пораката.
“Врелиот костен” кој ја определува реакцијата на “јавноста” – и партииите. Кога Албин Курти го куди “српскиот свет” – е неприфатлив, но кога Албин Курти го толерира “српскиот свет” – тогаш е прифатлив. Кај нас во Северна Македонија, се разбира, на безбедна далечина, од неговото Косово. Ако не можеш да го држиш, “врелиот костен”, едноставно префрли го на друг.
Но, дали всушност, Албин Курти, бил погоден од реакцијата на македонската “јавност” и уште поважно од поведението на македонските партии, во однос на “српскиот свет” кој е антипод на членството во ЕУ; кое поведение директно влијае на стабилноста на целиот регион, вклучително и Косово; па во тој налет на “емотивност и изолираност” во регионот, во однос на неговата јасна и недвосмислена ЕУ и американска ориентација; ни ја сервираше неговата политичка “одмазда” преку отворена поддршка на “српскиот свет” во Северна Македонија, преку “амнестирање” на поведението на ВЛЕН во владата, парламентот и власта, во однос на ЕУ интеграцијата?
Ако ова звучи радикално, како да ја дефинираме изјавата на пратеникот на ВЛЕН, истовремено и советник на Албин Курти, од пред неколку дена – “Независниот пратеник (м.з) Беким Ќоку исто така изјави дека е тешко да се соживува со народ што не сака да се интегрира во Европската Унија, толку тешко што, според неговите зборови, го опиша со „Бог не казнил да живееме со нив“ – (On time – Tv Koha)”. Ако, овие совети биле проследувани и до Албин Курти, неговата “заблуда” за ставот на македонските граѓани, станува малку појасна.
Со “мала”, ама клучна забелешка: не е “народот” тој што не сака да се интегрира во ЕУ, туку партиите. Истите оние, кои се поддржани и од него и од колегите од ВЛЕН во законодвната и извршната власт; на кои во ниту еден момент не им засмета бруталната демонстрација на “српскиот свет” во Скопје, но и влијанието на истиот во сaмата влада, која не само што не излезе од Отворен Балкан, туку се чини го продлабочува, наследениот манир од македонскиот партиско-партократски двоец. Изненадувачки ли е што оваа изјава, едвај може да се најде во етерот, а не пак да го има “патриотскиот третман” на изјавата на Албин Курти од пред година и половина, на нашата “јавност”?
Поддршката на “народот” и македонскиот и албанскиот и сите други “делови од народ”, за членство во ЕУ со сите пречки што ги сервира “заробената држава” е исклучително висок. И таа поддршка е единствен репер, за поведението во политиката: кој е односот кон стратешкиот интерес и на граѓаните и на државата, исполнувањето на меѓународните обврски (преговарачката рамка и уставните измени), почитувањето на меѓународните договори (Преспанскиот, Охридскиот и Договорот со Бугарија) и сериозноста на НАТО членството. Тука се гледа кој е за ЕУ, а кој е против ЕУ.
Во меѓувреме, додека завршува броењето на гласовите на парламентраните избори во Косово; кој е советот, кој сега ВЛЕН, за возврат може да му го даде на победникот на изборите, но без апсолутно мнозинството – Албин Курти; произлезено од нивното искуство во Северна Македонија? Дали ќе го советува, исто така, како што постапува и тука, да влезе во коалиција со 10-те пратеници на српската листа на партијата на Александар Вучиќ, па да им посакаме добредојде и на Косово во “српскиот свет”, односно Отворен Балкан?
Сепак, политиката е доблест, и единствено што треба да направиме е да им честитаме на косовските граѓани, за демократските избори и да му честитаме на Албин Курти за победата и за поддршката што ја доби. И да го потсетиме, дека местото на кое некогаш, во блиска иднина ќе бидеме заедно, Северна Македонија и Косово, како добри соседи е ЕУ – заедно со Бугарија, Грција и Албанија (и Србија кога ќе реши што сака), а не старите хегемонистички митови на “српскиот свет”. Да го потсетиме на него самиот, не толку одамна.