Францускиот мотоциклист Пјер Шерпан кој во седмата етапа на релито Дакар доживеа тешка несреќа, почина за време на транспортирањето од болницата во Џеда во Саудиска Аррабија кон клиниката во родниот Лил.
Тој во тешка состојба е затекнат на 11. јануари, со повреди на главата кои се опасни по живот. Веднаш е пренесен во најблиската болница во градот Сакака, од каде по укажаната помош е префрлен на лекување во Џеда.
Шерпан се наоѓаше во кома кога неговото семејство побара од организаторот на релито Дакар да го пренесат во Лил каде би продолжило лекувањето, но за време на авионскиот транспорт, состојбата на мотоциклистот нагло се влошила.
Семејството во соопштението на јавност објасни дека Шерпан починал по појава на церебрална грозница и дека не се мачел бидејќи се наоѓал во кома.
Ова за Пјер Шерпан беше четврто учество на релито Дакар кое оваа година се вози низ Саудиска Арабија.