Дефанзивецот на Реал Мадрид, Давид Алаба заработи повреда на тетивата на левата нога, соопшти шпанскиот клуб.

Алаба (32) ги пропушти повеќето натпревари во досегашниот тек од сезоната поради повреда на предните вкрстени лигаменти. Според шпанските медиуми, Алаба ќе отсуствува две до три недели.

Австрискиот дефанзивец, по пауза од 13 месеци, се врати на теренот на 19. јануари на натпреварот против Лас Палмас, по што влезе од клупата за резерви во следните три натпревари, за да го заврши претходното коло од шпанската Ла Лига против Еспањол како неискористена резерва.

Алаба му се приклучи на Реал Мадрид во 2021 година, како слободен играч од Баерн Минхен.

Реал Мадрид е прв во поредокот во Ла Лига со 49 бодови, додека во Лигата на шампионите ќе игра бараж со Манчестер сити за место во осминафиналето, откако заврши на 11. место по првата фаза од натпреварувањето.

Реал утре ќе му гостува на Леганес во четвртфиналето на шпанскиот Куп, а на 9.февруари во градското дерби ќе го пречека Атлетико. Овие натпревари и баражот со Манчестер сити ќе ги пропушти и Антонио Ридигер, кој се повреди во саботата против Еспањол.

Текстот Алаба (повторно) се повреди е превземен од МАКФАКС.