На вториот ден од собраниската расправа за законот за попис, власта и опозицијата полимизираа околу карактерот на пописот. Власта уверуваше дека Предлог-законот е транспарентен и објективен, а опозицијата спореше дека решението е паушално и алатка за демографски и етнички инженеринг.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека пописот е политички договор меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и со однапред утврден исход, а резултатите ќе бидат нереални.

За СДСМ пописот како статистичка операција ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и не е политички заговор.

„Надминете ги внатрепартиските договори во интерес на граѓаните и државата и повлечете го законот,  овозможете широка јавна дебата за да се најде општествен консензус чие немање ќе предизвика дологорчни штети“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Опозицискиот пратеник Мирче Аџиоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ не е против пописот, туку против начинот на одржување.

„Со овој предлог-закон ќе се попишат луѓе кои со години не живеат тука. Тоа ќе ги доведе во прашање веродостојноста и релевантноста на резултатите од пописот“, рече Аџиоски додавајќи дека не може да има попишување без лична идентификација.

Заменик-министерот за правда, Агим Нухиу објасни дека аргументираните забелешки на опозоцијата се вметнати во новиот текст на законот.

„Не го прифативме амандамнот за постпописното истражување зашто во пописот нема да се користи класичната метода, туку комбинираната. Институциите ќе ни овозможат квалитетни, ажурирани податоци, објасни Нухиу.