Англискиот фудбалер Маркус Рашфорд официјално се пресели на позајмица во Астон Вила, соопшти клубот од Бирмингем.

Рашфорд (27) ќе биде на позајмица во Астон Вила до крајот на сезоната, а клубот од Бирмингем има опција да го купи, пренесува Би-Би-Си.

„Би сакал да им се заблагодарам на Манчестер Јунајтед и Астон Вила што ја овозможија оваа позајмица. Се восхитувам на начинот на кој игра Астон Вила оваа сезона и на амбициите на менаџерот. Возбуден сум што ќе играм овде“, изјави Рашфорд на Инстаграм.

Англискиот фудбалер оваа сезона забележа 24 настапи за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања и постигна седум гола. Неговиот последен настап беше на 12 декември против Викторија Плзен во Лигата на Европа, по што тренерот Рубен Аморим го избриша од составот.

Рашфорд целата своја кариера ја помина во Манчестер Јунајтед, одигра 440 натпревари и постигна 138 голови.

За репрезентацијата на Англија одигра 60 натпревари и постигна 17 голови.

Текстот Рашфорд до крајот на сезоната во Астон Вила е превземен од МАКФАКС.