Никица Корубин
Во сите приказни околу “идентитетот” сите овие 30-тина години независност, кои варираа низ различни форми, а кулминираа после потпишувањето на Договорот со Бугарија, а потоа и Преспанскиот договор; “јавноста” никогаш не ги удостои граѓаните со основни информации: кои институции на системот, формално, стручно и меѓународно верификувано го “чуваат” нашиот идентитет?
Надвор од наменските памфлети, пропаганда и манипулации, кои секаде се и можат да бидат маргиналниот и пара-научен, ама не и основниот фундаментален дел на науката. Која е науката и кои се критериумите за нашите научници, не само да бидат дел од системот, туку и да го креираат и водат истиот систем?
Ако се погледнат условите за стекнување на највисоки научни звања на “критичните идентитетски” научни области ( историја, историја на уметност, археологија, уметност, лингвистика); веднаш ќе стане појасна синтагмата која ја обележа нашата независност како држава од 1991 година до денес: “само за внатрешна употреба”.
Бидејќи, согласно член 125 од Законот за високо образование, кој бил на сила до 2018 година, за сите научни области на сите високо-образовни институции важеле едни услови – задолжително издавање на научни изданија во меѓународни публикации, освен: “Одредбите од ставовите 2, 3, 4 и 5 на овој член не се однесуваат на студиите од областа уметноста, филологијата и националната историја. Посебните услови за областите на уметноста, филологијата и националната историја ги пропишува високообразовната установа со посебен акт”.
Подзаконски акт, кој согласно преодните одредби на новиот и важечки закон од 2018 година, ќе биде на сила, се’ до носење на нов. Неограничено. Која “неограничена” ситуација, би можела да биде промената, се чини само при преговарачкиот процес со ЕУ, на усогласување на апсурдната одредба, за отсуство на обврска за меѓународни научни изданија, на точно одбрани области. Дискриминаторска ситуација, par excellence, за која молчат дискриминираните.
Со други зборови, професорите на неколку катедри, главно на Филозофскиот и Филолошки факултет, кои слободно можеме да ги наречеме “идентитетски” – Катедра за историја, катедра за историја на уметност и археологија, катедрите за јазици и литература и други; воопшто и не морале да имаат научни изданија во меѓународни публикации, за да бидат професори.
Па, како тогаш ги проверувале/проверуваат и верификувале/верификуваат сопствените стручни изданија? Кој ги “контролира и предизвикува” фактите и тезите, кои инаку секаде во научниот свет, се предмет на отворена дебата, преиспитување, прифаќање или отфрлање – освен кај нас.
Тоа не значи дека, сите професори не смееле или не можеле да имаат меѓународна кариера, но немале никаква обврска за да станат професори, и со самото тоа биле во повластена позиција во однос на своите колеги од сите други области: економски, правни, природни, медицински науки. Но, чуму оваа привилегија, што всушност тие не можат, не сакаат или не смеат да го верификуваат со своите колеги, било каде во светот?
Кои “факти, тези и наративи” се чувале и чуваат? Барем до 2018 година, кога законски се изедначени со сите останати. Дали во овие шест години, условите во овие области на овие факултети се променети, дали нашите професори излегле на меѓународна сцена и дали тука некаде се “кријат” гаранциите поради кои е блокирана сегашноста и иднината на сите граѓани и цела држава?
Дали токму затоа е сатанизиран цел Договор за пријателство, добрососедство и соработка, со Бугарија, поради институцинонално чувана фобија, која според членот 8, гласи: “заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе, за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани”.
Или пак, фобијата од членот 8, овој пат од Преспанскиот договор: “Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди”.
Постои живот и надвор од нашата “внатрешна употреба”. Таа се вика вистина. Таа се вика ЕУ. Ако, сакаме да зборуваме за факти и да ги браниме истите. Затоа што спротивното е илузија. Пост-југословенска илузија, чиј наратив го држи заробено општеството и државата. Ама, секој изречен збор и барање е факт. Како што е факт и нашата обврска за уставни измени, за да излеземе од илузијата и да влеземе во реалноста, ЕУ, која не’ штити нас и нашите интереси. Како факт, а не перцепција за истиот.