Со 1,1 милион евра годинава ќе се субвенционираат авиокомпаниите за да отворат нови линии кон нашата земја. Ова го пренесува специјализираниот портал ExYu Aviation News, кој го цитира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Досега се субвенционираше само нискобуџетниот Виз Ер, но според министерот, за Владата сите авиокомпании кои работат на македонскиот пазар се сериозни партнери за развој на воздушниот сообраќај во земјата.

-Оваа година се обезбедени 1,1 милиони евра во буџетот како финансиска поддршка за лансирање на нови линии. Како што земјите постепено ќе ги укинуваат ограничувањата поради КОВИД-19, воздушниот сообраќај ќе почне да се враќа на претходните нивоа, вели Бочварски.

Досега интерес за добивање државни субвенции покажа само Виз Ер. Последниот договор е склучен во 2018 година и важи до 2022 година. Со тој договор оваа авикомпанија за четиригодишниот период треба да се поддржи со шет милиони евра и да добие еднократна финансиска поддршка од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од Меѓународниот  аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид. За новите воведени дестинации Министерството за транспорт и врски ќе дава финансиска помош и за секој патник. Но годинава, поради пандемијата на корона вирусот плановите на Виз Ер за рутите до и од нашата држава се изменија.

Во врска со развојот на авиосообраќајот во државата Бочварски најави дека ќе почнат летови меѓу Абу Даби и Скопје, а продажбата на билети допрва ќе стартува. Новина во авиосообраќајот беше украински „Виндроус“ кој минатиот месец почна со летови меѓу Скопје и Киев.

ExYu Aviation News пренесува изјава и на новиот генерален директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, кој вели дека тековните ограничувања за влез на македонските граѓани, особено оние воспоставени од Европската унија продолжуваат да се една од најголемите пречки за обновување на воздушниот сообраќај во земјата.

-Имено, граѓаните со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една земја на ЕУ, освен ако се работи за основни дејности (претежно медицински работници) или имаат одреден вид виза (во зависност од земјата). Дополнителна главоболка е што различните држави на ЕУ имаат различни ограничувачки политики воведени поради КОВИД-19. Не постои координиран пристап кон проблемот во ЕУ и тоа ги засега сите земји географски лоцирани во Европа и пошироко. Ова е надворешен фактор што ние како оператор на аеродромот не можеме да го ублажиме со 77 отсто од македонскиот воздушен сообраќај концентриран во ЕУ. Ова е главно надлежност на Владата. Сепак, ние сме во ситуација во која не можеме да седиме и да чекаме. Ние мора да дејствуваме, вели тој.

Батак исто така информира дека на македонската влада, Министерството за здравство и сите релевантни органи им предложиле модел на систематско тестирање на домашните аеродроми.

-Се надеваме дека ќе започнеме со отворање на границите од некои од главните пазари на ЕУ, а потоа една по друга, другите земји ќе ја спроведат истата практика. Тоа е комплициран процес кој, покрај воспоставувањето на вистинскиот здравствен орган што би извршил тестирање на аеродромот, вклучува билатерални договори меѓу Македонија и земјите-членки на ЕУ, затоа, ќе ни треба целата поддршка што можеме да ја добиеме од владата и соодветната ЕУ тела, изјави Батак за ExYu Aviation News.

Во текстот за авиосообраќајот во Македонија порталот потсетува дека владите низ целиот регион се обидоа да ги стимулираат превозниците или да одржуваат летови или да започнат нови услуги пред пандемијата со корона вирусот. Минатата година, словенечката влада се одлучи за слична стратегија со доделување близу еден милион евра на авиокомпаниите што летаат кон земјата, а дополнителни еден милион ќе бидат обезбедени оваа година.