Пол Анакон, поранешниот тренер на Рожер Федерер, смета дека Рафаел Надал нема големи шанси во евентуално финале на Австралија Опен со Новак Ѓоковиќ.
Според Анакон, Надал секако е меѓу фаворитите за триумф на првиот годинешен грен слем турнир, но во евентуална пресметка со бранителот на трофејот Ѓоковиќ, тој нема да има големи шанси.
– Да бидам искрен, Рафа е полош од Новак на тврда подлога, како и од Рожер кога теренот е брз. Но, супериорен е во однос на останатите тенисери. Доколку Надал би играл во финалето во Мелбурн против Новак, не би се обложил на него. Доколку би играл против било кој друг, тогаш ќе се обложам на него. Мислам дека за Рафа е најважно да ја помине првата недела од Австралија Опен на полесен начин – изјави Анакон.
Екс тренерот на Федерер, како адут за добар пласман на Надал го гледа неговото учество на АТП купот.
– Многумина се прашуваат зашто Надал нема повеќе триумфи на Австралија Опен, но не смееме да го потцените. Успеа да освои четири титули на УС Опен и еден во Мелбурн. Потребни му се што повеќе мечеви за да се подготви за вака голем турнир. Ќе има неколку мечеви на АТП купот и тоа ќе биде добро за него – смета Анакон.