Во СВР Охрид, на 13 декември 2024 година, 53-годишна жена од Охрид пријавила дека била измамена за сума од 300.000 денари.

Според изјавата на оштетената, пред две недели добила телефонски повик од лице кое ѝ соопштило дека поради наводно зголемување на вредноста на биткоинот, нејзината претходна уплата од 250 евра значително се зголемила и во нејзиниот електронски паричник сега имало 16.500 долари.

Лицето побарало од жената да преземе мобилна апликација и да има достапни пари на својата трансакциска сметка за да може да ги подигне средствата. Подведена од ветувањето за големата добивка, оштетената ја инсталирала апликацијата и подигнала кредит од финансиско друштво.

По некое време, откако посетила банка, дознала дека парите од нејзината сметка биле префрлени на сметка на друго лице, по што сфатила дека станала жртва на измама.

СВР Охрид презема мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителот. Граѓаните се предупредуваат да бидат внимателни со непознати повици и трансакции преку интернет, особено кога станува збор за ветувања за брзи добивки.