Пишува: Никица Корубин

Еуфоријата која ги зафати социјалните мрежи, после најновото надополнување на т.н “црна листа”, со името на поранешниот вицепремиер Артан Груби, “неправедно” го стави во сенка второто име – судијата Енвер Беџети, кој е всушност и причината за вината на првиот, односно неговото (не)постапување во случајот на кулминацијата на кризата која доведе и до пржинските преговори, формирањето на СЈО и шарената револуција – масовното прислушкување. Еуфорија, која за воља на вистината остана сведена на функционерите, членовите и симпатизерите на коалицијатс ВЛЕН, кој селективно се радуваат, а коалициски одмолчуваат; а речиси целосно ги одмина ВМРО-ДПМНЕ и особено СДСМ.

На големо изненадување, особено откако во континуитет од 2020 година, си ја предаваа палката на главниот фокус “реформирање на ДУИ во опозиција”, па чудно како оваа “реформаторска” поткрепа не ја поздравија со воодушевување. Дали можеби мотивот, директно именуван во краткото образложение на американската амбасада, ги поколеба и не ги исполни “високите критериуми” на македонскиот двоец за држење лекции за криминал на другите, кога, барем во овој случај, тој метафорички кажано “албанскиот криминал” бил во функција на заштита и на “македонскиот криминал”; и особено за јасниот став на стратешкиот партнер дека “политичкото вмешување во судството, не може и нема да се толерира”.

Па, така јавноста и особено граѓаните останаа повторно неинформирани и особено непотсетени за главната тема, која сите ја избегнуваат – како и зошто граѓанските протести (партиски узурпирани) за демократско и функционално општество, доведоа до ситуација на (само)блокада на државата на патот кон ЕУ, удар врз меѓународните договори (Охридскиот договор, Преспанскиот договор) за кои исто така се предвидени санкции од САД, поради потенцијално нарушување на безбедноста на државата и на поширокиот регион?

Но, затоа, покрај американската амбасада, која темелно ја одржува темата во живот, и го затвора кругот на меѓународниот проект за борба против високата корупција (СЈО) и ослободување на “заробената држава”, домашно саботиран; тука е омилениот сосед кој не’ потсеќа подобро од сите “наши” за “македонскиот сценарио” кое зема замав во соседна Србија, токму така, како што и започна во Македонија – изворно граѓански, со студентските протести. Затоа што всушност, после сите перипетии, никој и никогаш не ја згасна силната граѓанска желба за нормален живот во нормално општество, правејќи од граѓаните вистинска опозиција на партиско/партократскиот естаблишмент.

Па, оттаму главното прашање е кој е всушност “опозиција на опозицијата”? Кој е се’ опозиција на темелите на државноста, стабилноста и функционалноста на Северна Македонија – Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија? Гледаме деновиве. Особено е интересно поведението на формално опозициската СДСМ, во однос на молкот за опасноста на кој е изложен Охридскиот договор, преку оспорување и на Законот за јазиците, чии пратеници самите го гласаа во парламентот, на сличен начин како што сите овие години “ги одбранија” и Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и преговарачката рамка.

Дека се опозиција на опозициската ДУИ е јасно, иако не е јасно дали се опозиција и на нивните ставови сите овие месеци; исто како што е и јасен ставот на ВМРО-ДПМНЕ за сите овие прашања, од кои за некои се и “страна во постапката”; но пак тоа го отвора прашањето за ВЛЕН и нивната еуфорија – за што точно? За претставките на коалициониот партнер до уставниот суд за суспендирање на законот за јазиците или за причината поради кои се ставени нови имиња на црната листа од нивниот партиски немезис?

Затоа за да може оваа еуфорија или молк да се рационализира, сеедно од која страна на спектарот се наоѓаат; очекувано е веднаш и во кратка постапка да се изгласа подготвениот Закон за рестриктивни мерки, по кој ќе може веднаш да се превземаат сознанијата од стратешкиот партнер САД и да се постапува по случаите од висока корупција. Според степенот на воодушевување, за очекување е тој предлог да дојде од пратениците или министрите на ВЛЕН.

Затоа што инаку, чуму радост од фиктивна листа, ако треба само да го потврди партискиот наратив и пропагандата на “јавноста”, да ги воздигне “добрите” и да ги сатанизира “лошите”, “здружено и партнерски” како отворена и прикриена власт, на главната опозиција која нашето заробено општество отсекогаш го имало – граѓаните и демократијата. На секого е да одлучи, дали ќе го штити или (до)заробува системот.

А, тоа се цени по постапките, кои треба да ги следат зборовите. Особено зборовите на одбрана на нашите темелни постулати – црвената линија на САД и ЕУ – Охридскиот рамковен договор, Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор. Зарем партнерите треба подобро од нас да знаат кои се нашите црвени линии? Молчењето е злато, ама златото е пекол за кралот Мида. А, особено неговите “магарешки уши”. Ниту може “се’ што ќе се допре да биде злато” а уште помалку да се сокријат “магарешките уши”. Како што не може “се’ да се контролира”, а таа контрола да остане “скриена”.