Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, официјално треба да ја отвори новата сезона на 29 јануари, кога е закажан еднодневен турнир во Аделаиде – град во кој сите тенисери ќе бидат во карантин пред да се натпреваруваат на АТП купот и „Австралија опен“!
Од 14 јануари Аделаиде ќе биде „домаќин“ на двонеделен карантин во кој ќе бидат Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Доминик Тим и др., а сите ќе играат на споменатиот турнир кој ќе се одржи во две сесии.
Поточно од тенисерите се очекува да настапат Ѓоковиќ, Надал и Тим, а од тенисерките Симона Халеп, Ешли Барти и Наоми Осака. Според информациите на оваа листа учесници можно е да бидат додадени уште Серена Вилијамс и Ник Кирјос.
Тенисерите и тенисерките инаку ќе бидат сместени помеѓу хотелот и теренот каде што ќе можат да се подготвуваат пет часа дневно, а по истекот на карантинот, тие ќе можат слободно да се движат.
Првиот натпреварувачки турнир ќе биде АТП Купот, кој е на програмата од 1 до 5 февруари, по што следува грен слем „Австралија опен“ кој ќе трае од 8 до 21 февруари 2021 година.