Пишува: Владимир Перев
1.
Далида и Ален Делон, 1973 година и нивната прекрасна Paroiles, paroles…зборови, ветувања, љубов и одминувања. Прекрасно, одамна заминато време. Денес имаме само изневерени очекувања и многубројните зборови и ветувања на нашиот премиер Мицкоски. Бескрајни состаноци во Брисел и другите европски центри и потоа, секаде сериозниот лик на Кристијан Мицкоски како дава сериозни изјави за нашиот напредок кон Унијата и за непремостивоста на нашите “црвени линии“. Тој и само тој, каде и што ѝ кажал на “таа Европа“ за нашата цврстина и доследност. “…македонската Влада останува фокусирана на реформи, останува фокусирана на обезбедување подобри услови за живот на македонските граѓани и нормално наша главна цел останува да биде полноправно членство на нашата Македонија во рамките Европската Унија…но истовремено ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме“. Таа Европа“ никаде да ја слушнеме и видиме, нив ги нема никаде, како да немаат јазик да проговорат. Дали е така?
2.
Нашиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски имаше тежок ден во “таа Европа“. Воопшто, ситуацијата за нас не беше ни малку дипломатска. Не му минаа неговите сентименталности за “прекрасните одмори“ во Бугарија, исто како што никаде не минаа ниту “пазарските и љубовни српски денови“ на Зоран Заев. Муцунски доживеа невидена канонада од прашања и обвинувања од своите европски колеги. Не е на одмет да напоменеме за некои изјави на европските дипломати упатени кон Муцунски: Ивајло В’лчев „Бугарија има долга историја на поддршка на евроатлантските интеграции на вашата земја, чудно ни е зошто сè уште доцните…„Зборувавте за бугарско вето. Нема бугарско вето. Моето прашање до вас е многу едноставно – кога вашата влада ќе го спроведе механизмот на конкретни акции, заклучоците на Советот од 18 јуни 2022 година, рамката за преговори и меѓувладините протоколи според Договорот за добрососедство од 2017 година, кога ќе докажете дека Северна Македонија е функционална демократија која ги почитува обврските преземени на меѓународната сцена?“. Станислав Стојанов европратеникот од „Европа на суверени нации“: “ЕУ постојано предупредуваше дека не може да има повторно преговарање за компромисот со Бугарија од 2022 година“, додавајќ дека говорот на омраза против Бугарија продолжува, во исто време од највисоко државно ниво. Петар Волгин од истата група: „Вашата земја не ги исполнува обврските што ги презеде во договорот со Република Бугарија од 2017 година, ниту ги исполнува обврските што ги преземавте според европскиот компромис од 2022 година. Наместо тоа, се потпирате на антибугарска реторика, како замислувате дека тоа ќе ве приближи до ЕУ?
3.
Изненадување беше изјавата на грчкиот европратеник Емануел Кефалојанис, која е најдобро да се прочита во оригинал, онака како ја има во документите на ЕУ: Kefalogiannis: Today in the EP, which country is represented? The Republic of Macedonia or the Republic of North Macedonia? Because if it is the Republic of Macedonia being represented we find ourselves with two standing issues: 1) The first being your name in relation to Greece, 2) and the second being your language in relation to Bulgaria.
The new government that arose after the recent elections in your country, keeps insisting in using the term “Macedonia” and “Macedon” violating the most important condition in the Agreement with Greece: erga omnes. I see that when my Bulgarian colleagues speak you put your headsets on. Let’s do an experiment. Speak your language, for us, the European Deputies, to see if our Bulgarian colleagues will put their headset on to listen to the translation of what you have to say. Because even many officials of your country and ministers have accepted that your language is 90% similar to the Bulgarian language.
If all that I am saying is true, then how do you comment on that and which actions are you planning to take to make your integration process go forward?
Никој, буквално никој не стана да нѐ заштити!
4.
Значи, Европа има јазик и знае да говори, да проговори и да ги надмине оние стерилни пароли, оние изјави кои често ги слушаме и ништо не нѝ значат. Говорот на Европа ја посочува нашата неспособност да ја прифатиме реалноста, да ги надминеме нашите недоразбирања и да продолжиме напред. Нема одење напред без исполнување на европскиот основен услов-внесувањето на бугарите во Уставот. Потоа, дури потоа следува нашата борба за реформите и исполнувањата на условите. Потоа следат техничките прашања. Да, сите знаеме дека Коридорот 10 е од витална важност за нас, но Коридорот 8 исто така е од витална важност, дотолку повеќе што тоа е проект на НАТО и наша преземена обврска. Врзувањето на Македонија со коридорот 10 претставува само техничка реализација на вековните српски амбиции за излез на Солун и Атина, како и желбата на Орбан за некакви алтернативни решенија за навидум самостојноста на неговата политика. Всушност се работи за брутално наложување врз македонскиот народ визијата на “српскиот свет“, визија која е основата на политиката на Белград, следователно и на Москва.
5.
Сепак, основниот постулат кој треба да го има нашето општество е постојаната борба за зголемување на демократските придобивки. Демократијата е основниот услов за европски живот на нашата земја. Приврзаноста на македонските раководители од ДПМНЕ и некои од СДСМ кон методологијата на владеењето на Вучиќ и Орбан е пат кон сопствената гибел. Тоа се земји без демократија и кога-тогаш, ќе им дојдат сметките за наплата на авторитаризмот. Да, тие сигурно ќе опстанат, но за Македонија тоа не може да се гарантира. Некој треба на нашиот премиер Христијан Мицкоски да му ја прочита приказната за “потковањето на коњот и за кренатата нога на жабата“, да му ги објасни мегаломанските амбиции на тоа жапче и да се извлечат соодветните поуки. Точно е дека ние треба да ги имаме “нашите црвени линии“, но тие треба да бидат за социјалните права на луѓето овде, за демократските придобивки и за сталното подигнување на свеста дека сме во земја на која и требаат уште многу инвестиции, матерјални придобивки и работен елан.
Нашите зборови и нашите paroles ништо не значат вон менталните граници на нашиот човек. Затоа треба да внимаваме, во иднина да не се соочуваме одново со некои нови брутални изјави за нашиот идентитет, према кои кажаното од Емануел Кефалојанис ќе ни биде како детска приказна за нашите уши.