Легендарниот фудбалер, Дејан Савиќевиќ, сега претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, во интервју за бугарски „Спортал“, меѓудругото говореше за шампионската генерација на Црвена звезда и финалето во Лигата на шампините со Милан.
„Од тимот што ја освои европската титула останаа само четворица-петмина фудбалери. Имавме одличен состав, но не можевме да играме натпревари од Купот на шампионите дома. Ниту Манчестер јунајтед не сакаше да дојде во Белград да го игра Суперкупот, а ние можевме да го земеме тој пехар. Го освоивме Интерконтиненталниот куп во Токио. Затоа велам дека ми е жал што не останавме заедно уште една година. Потоа почна војната, па санкциите… Најважните играчи како Југовиќ и Михајловиќ можеа да останат во Звезда уште неколку години, но си заминаа во 1992 година, како и Панчев, Белодедиќ и јас. Потоа следуваа четири години без меѓународни натпревари за клубовите и репрезентацијата. Имавме одлична генерација која не успеа да создаде континуитет ниту во репрезентацијата ниту во Црвена звезда“.
„Дејо гение“, како што го нарекуваа италијанците се присети и на 1994 година и финалето против Барселона во Атина. Милан ја декласира Барселона со 4:0, а Савиќевиќ постигна еден од најубавите голови во историјата на финалните мечеви.
„За мене финалето во Лигата на шампионите против Барселона е најмагичниот момент во мојата кариера. Во Атина игравме против голем противник, тренер им беше Јохан Кројф, а во тимот беа Ромарио, Стоичков, Куман, Бакеро, Гвардиола, Зубизарета. Ние во финалето бевме без двајца важни играчи Барези и Костакурта. Тоа беше време кога само тројца странци можеа да бидат во тимот. Кројф не мотивираше зборувајќи за тоа како сака неговиот тим да игра убав фудбал и да постигнува многу голови. Ние гне само што ги победивме, туку ги прегазивме со 4:0“.
Текстот Савиќевиќ: Финалето со Милан против Барса е најмагичниот момент во мојата кариера, штета што генерацијата на Звезда не остана заедно малку подолго е превземен од МАКФАКС.