Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески на денешената седница за пратенички прашања упати прашање до премиерот Мицкоски за уапдот којшто власта го прави во независните регулаторни тела со кои ги прекинува законските мандати и ги партизира исклучиво со партиски кадри.

„Во текот на претходните месеци во ова собрание беа доставени и донесени закони во скратена постапка со кои се прави директен упад во правниот систем на државата, со кои се прекинуваат мандатите на членови на државните второстепени комисии и на независните регулаторни тела по сила на закон и тоа во скратена постапка. Ова е досега невиден преседан во нашата држава, со единствена цел реализирање на партискиот интерес, односно поставување на партиски луѓе на независните регулаторни тела и второстепени комисии. Се прекинаа мандатите на членовите на државната комисија за решавање во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на државната комисија за решавање по инспекциски надзор, на републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, на агенцијата за електронски комуникации, на комисијата за заштита на конкуренцијата, а во собраниска процедура се предлози за разрешување на членовите на агенцијата за супервизија на осигурувањето и на дел од членовите на регулаторната комисија за енергетика. Класичен партиски упад во скоро сите комисии и регулаторни тела во државата кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт“, реагира Трајчулески.

Како што рече со класична злоупотреба на законодавниот дом се врши брутална партизација на овие самостојни институции и регулаторни тела.

„Грубата партизација на сите јавни должности чие именување или избор зависат од волјата на мнозинството продолжија и во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби. Сите членови на ова тело се партиска испостава на владејачката коалиција, поранешни пратеници или истакнати партиски активисти. Небаре избирате општински комитет, а не граѓанско тело. Ова укажува на најмалку две претпоставки, или планирате повторно да прислушувате како во времето на режимот, или сте почнале да се сомневате во довербата на граѓаните и затоа не ризикувате со автентични граѓански решенија, туку играте на сигурно со “хард кор” партиски именувања. Класичен упад во надзорот на мерките за следење на комуникациите. Премиере Мицковски, едно од вашите стожерни ветувања во предизборната кампања, но и како избран премиер на државата беше воведување на мерит систем, или систем на заслуги во јавната управа. Систем според кој треба да се креираат фер и правични услови и систем кој ќе го цени знаењето и искуството, а не политичката опција на која луѓето припаѓаат. Моето прашање почитуван премиере е дали системот на заслуги кој го промовиравте пред изборите, и кој декларативно го промиварате и денес како избран премиер, во реалноста се трансформира во систем на партиски заслуги?“, праша тој.