Ливерпул и по петата рунда е еденствениот тим со максимален учинок во Лигата на шампионите. Вечерва на „Енфилд“, во апсолутното дерби на оваа рунда Ливерпул го победи Реал со 2:0. Реал остана на шест бода, скор од две победи и три порази.

Карло Анчелоти, кој има многу проблеми со повредени играчи, на „Енфилд“ излезе со јасна цел да не загуби, но не успеа во својата намера. „Црвените“ од стартот ја презедоа контролата, константно напаѓаа не искористија две добри шанси за гол. Колку Реал беше инфериорен во првото полувреме говори податокот дека не упатија ниту еден удар кон голот на Келехер.

Иницијативата на Ливерпул која продолжи и во вториот дел вроди со плод во 52.минута, кога Мекалистер по додавањето од Бредли го совлада извонредниот Куртоа. Инаку десниот бек на Ливерпул Бредли, одигра брилијантен меч, успеа во целост да го запре Килијан Мбапе.

По примениот гол играчите на Реал тргнаа поангажирано кон голот на Ливерпул. Од првата вистинска акција, Лукас Васкез избори пенал во 61.минута. Мбапе ја презеде одговорноста, но неговиот удар го одбрани Келехер.

Двевет минути подоцна пенал доби Ливерпул. Салах ја презеде одговорноста, но неговиот удар заврши во стативата. Точка на натпреварот стави Гакпо, кој по центрашутот на Робертсон остана сам во пететрецот и со глава ја закова топката во голот.

Текстот (Видео) Ливерпул го победи Реал, Мбапе и Салах не реализираа удари од 11 метри е превземен од МАКФАКС.