Коронавирусот повторно им прави големи проблеми на организаторите, а во исто време се зголемува и бројот на граѓани на Токио кои се за ново одложување или целосно откажување на Игрите.
Еден од членовите на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Дик Паунд, го доведе во прашање одржувањето на Олимписките игри во Токио поради пандемијата на коронавирусот.
Игрите во Токио кои требаше да се одржат минатата година, се презакажани за оваа и треба да се одржат од 23. јули до 8. август.
– Не сум сигурен дека Игрите ќе се одржат бидејќи вирусот ќе продолжи да се шири. Гледате дека во Токио е прогласена вонредна состојба, а состојбата е критична и во целиот свет. „Слонот во собата“ е се поголем и не знам како ќе го запреме – изјави Паунд.
Во Токио вчера беа регистрирани рекордни 2.447 нови случаи на позитивни на ковид-19, дури 50 проценти повеќе од претходниот ден. Засега во Јапонија како последица од коронавирусот се починати 3.500 лица.
Паунд смета дека вакцинацијата треба да биде задолжителна за сите спортисти кои треба да настапат на Олимписките игри.
– Спортистите се идоли на младите. Со примањето на вакцина ќе испратат порака дека со тој чин не го штитиме само своето здравје туку и дека водиме сметка и за целата заедница – додава Паунд.
Стравувањата од ново одложување на Игрите на Паунд кој е поранешен претседател на светската анти-допинг агенција (ВАДА), го делат и граѓаните на Токио. Последните истражувања покажаа дека дури 63% од жителите на Токио се за ново одложување на Игрите или за целосно откажување.