Страхиња Милиќ, поранешен голман на Партизан, Силкеборг и Вардар, освојувач на ЕХФ Лигата на шампионите со скопскиот тим во 2017 година, во опширно интервју за „Моцартспорт“, проговори за кариерата што ја заврши рано, на 28 години, понуди од најдобрите Европски клубови, тешки моменти кога не беше на врвот…
Играше само за три клуба, а листата на можни дестинации беше импресивна, од германскиот гигант Кил, потоа Фленсбург, Гумерсбах, Мелсунген, до Веспрем и Целје… И на крајот Барселона.
Повеќето ракометари велат дека поканата од блауграната не се одбива, а Милиќ го направил токму тоа. И тоа поради лојалноста и благодарноста кон Вардар, градот Скопје и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.
„Кога ја завршив кариерата имав важечки договор со Вардар. Одличен договор во тоа време. Моите проблеми почнаа во 2016 година, можеби и порано. Цело време бев „на нож“ тренерот, Шпанецот Раул Гонзалес. Сега кога си го враќам филмот, повеќето работи беа моја вина. И луда глава, отровна… Во тие години ми се гадеше ракометот. Сето тоа го правев за да се докажам некому, да ослабам, а никогаш не се работеше за мојот квалитет. Секогаш ми велеа, се е во ред на натпреварите, добро браниш, но види како изгледаш?! Сето тоа ме нервираше, ме навредуваше… Не е поентата, дали си ја работам работата како треба или не. Немој да ми отежнуваш. Секогаш имало незадоволство од негова страна, тој никогаш не бил задоволен“, ја започнува приказната на Милиќ за бурното лето 2018 година.
„Добив понуда од Барселона неколку години пред европската титула. Менаџерот Јокиќ контактираше со Чави Пасквал, ми беше понуден договор кој би бил многу подобар од она што го имав во Вардар. Ми се јави и Кирил Лазаров, ми рече дека ме сакаат овде, да дојдам. Како да ја одбијам Барса? Никој не го направи тоа. Сергеј секогаш стоеше зад мене, сакав да му покажам дека сум му благодарен и лојален, дека ги сакам Скопје и Вардар. Многу луѓе велеа дека сум будала и кретен. Не жалам за таа одлука. Дали мојата кариера ќе беше подобра ако отидев во Барса? Веројатно би, но не жалам. Јас би го направил истото сега“.
Проблемите со Раул Гонзалес кулминираа во 2018 година, но и по титулата во 2017 година во Келн.
„Кога ја освоивме титулата во 2017 година, дојдов да се подготвувам за следната сезона. Во договорот со Вардар имав клаузула дека не смеам да тежам повеќе од 140 килограми. Постојано пропуштав подготовки, што беше добра работа. Наместо тоа да биде казна, тоа беше награда за мене“.
Како беше последната сезона од вашата кариера? Ја браневте титулата во Келн, но не ја одбранивте…
„Раул ме казни пред почетокот на таа сезона, по титулата. И тогаш полудев, им кажав на сите да одат во …Реков дека не можам да живеам. Клубот се распаѓаше, почнаа проблеми, се случуваа разни работи. Исто така, сакав да јадам и да пијам. Се опуштив, не знаев каде ми е максимумот. Се раширив како жаба. Најлудото е што добро се снајдов таа сезона, но на крајот стигнав до 180 килограми. Не беа 10-20 килограми повеќе, туку 50. Договорено беше да ослабам барем 10 килограми пред да дојдам на подготовките, за да може тренерот и луѓето во клубот да ја видат мојата желба и волја. Им кажав веќе тогаш на крајот од она што се покажа како моја последна сезона, дека доаѓам летото само за да се збогувам. И така беше“.
Имаше ли волја да се реши недоразбирањето, како реагираа луѓето во клубот, соиграчите?
„Клубот не беше задоволен од мене, не можев повеќе. Соиграчите се побунија, рекоа да не го правам тоа, да останам. Најискусните Карачиќ, Стоилов, Дибиров, Чупиќ застанаа во моја одбрана. Беше договорено да бидам казнет половина од договорот, но кога ќе се смирам ќе ми биде вратен. Сега, кога ќе погледнам наназад, сето тоа беше за мене, во моја корист. Им кажав дека не ме интересираат парите, дека ма да останам и да ми понудат двојно поголем договор. Едноставно, се исклучив. Ја немав повеќе емоцијата која ме носеше во ракометот. Тоа беше мојата конечна одлука, ја завршив кариерата на 28 години“.
Текстот Џамбо Милиќ: Ги сакав Скопје и Вардар, со Раул Гонзалес бев „на нож’ е превземен од МАКФАКС.