Одлуката на британската судијка Џулијан Асанж да не биде екстрадиран на Соединетите Американски Држави е победа за основачот на Викиликс, но не претставува прифаќање на слободата на говорот и остава сенка врз истражувачкото новинарство, кажаа вчера правници и активисти.

Судијката Ванеса Берицер донесе одлука 49-годишниот Асанж да не биде испратено во САД каде би се соочил со 18 обвиненија вклучувајќи го и она за кршење на законот за шпионирање. Судијката како причина за одлуката ја наведе менталната состојба на Асанж поради која постои ризик од самоубиство.

Таа, меѓутоа, ги отфрли сите аргументи на нејзиниот правен тим дека случајот е политички мотивиран и заклучи дека неговите постапки ја надминуваат заштитата која се подразбира за слободните медиуми. Судијката кажа дека Асанж пати од тешка депресија и дека му се дијагностицирани Аспергеров синдром и аутизам. Во неговата затворска ќелија во 2019 беше најден жилет, а на лекарите им кажал дека има самоубиствен нагон.

САД соопштија дека ќе продолжат да бараат предавање на Асанж, кој е роден во Австралија, а американските обвинители ќе се жалат на вчерашната одлука на судот во Лондон.

Поддржувачите на Асанж тврдат дека пресудата би можела да претставува сериозен проблем за издавачите кога станува збор за истекување доверливи информации. „Постојат сериозни стравови околу пресудата, а по повод почитувањето на слободата на говорот и што тоа ќе значи за останатите британски новинари во иднина кои ги немаат истите здравствени проблеми како господин Асанж“, кажа за Ројтерс неговата адвокатка Џенифер Робинсон. „Ова не е победа од позиција на слободата на говорот. Мислам дека сите новинари би требало внимателно да се позанимаваат со ова“.

„Никогаш нема да прифатиме дека новинарството е злосторство во оваа или која било друга земја“, кажа партнерката на Асанж Стела Морис пред судницата.

Берицер во пресудата наведе дека САД ги исполниле сите правни услови за екстрадиција, а дека обвинението дека Асанж го охрабрувал хакирањето на компјутерите на американската влада значи дека тој излегол од улогата на истражувачки новинар.

„Во овој случај наводните постапки на господин Асанж биле незаконски и тој не е ослободен од кривичната одговорност само затоа што тврди дека дејствувал како новинар“, кажа судијката.

Џамил Џафар, од Универзитетот Колумбија, кажа дека е исклучително загрижувачко тоа што ставот на американското обвинителство е дека Асанж го прекршил шпионскиот закон само поради тоа што ги објавил тајните.

„Како резултат на тоа американското обвинение против Асанж ќе продолжи да фрла мрачна сенка врз истражувачкото новинарство“, кажа Џафар.

Асанж не е првиот познат случај во кој не дошло до екстрадиција поради менталната состојба на обвинетиот.

Британската министерка за внатрешни работи, а подоцна и премиерка, Тереза Меј во 2012 година ја смени одлуката на судовите за да го блокира екстрадирањето на компјутерскиот хакер Гери Мекинон на Соединетите Држави, каде беше обвинет дека нанел штета од 700.000 долари на американски воени системи, поради ризикот дека тој би можел да изврши самоубиство.

Пред две години, Лори Лав, која има Аспергеров синдром исто така поради страв од самоубиство беше поштедена од екстрадиција поради обвинувањата дека учествувала во хакирање на агенциите меѓу кои ФБИ и американската војска.

„Оваа одлука можеби ја одразува загриженоста како Соединетите Држави би се однесувале кон осомничените кои имаат психолошки проблеми доколку би биле екстрадирани“, ја искоментира пресудата на Асанж Дениле Панет од лондонската правна компанија Линклатерс.

„Сè додека постои несразмерност меѓу условите во притворите во САД и Британија, овој аргумент би можел често да се користи во идните случаи“. Адвокатите на Асанж утре ќе бараат нивниот клиент да биде пуштен на слобода со кауција.

Правниот тим на Асанж тврдеше дека целиот процес е почнат на инсистирање на администрацијата на Доналд Трамп, и дека екстрадицијата на Асанж би претставувала сериозна закана за слободата на медиумите