Во третото коло на Европскиот Клупски Куп, шахистите на Алкалоид имаа тежок дуел со незгодниот израелски клуб екипата “Beer Sheva Chess Club” од Израел, во кој извојуваа тесна победа со 3,5: 2,5 поени. Израелската екипа, која во својот состав имаше шест велемајстори, е една од најстандардните, редовни учесници на шаховскиот „Куп на Шампиони“.
Индијскиот Велемајстор Ајрун Еригаиси ја потврди својата висока класа и одличен резултатски тренд оваа година со уште една победа, мошне значајна за конечниот исход во мечот. Со црни фигури, го совлада Велемајсторот Виктор Михалевски. Во рана средишница, Еригсаиси го изненади противникот со еден многу активен потег, а противникот одговори со жртва на фигура за напад на кралот. Следуваше ладнокрвна одбрана и сигурна победа за Алкалоид.
Во сите останати пет партии, шахистите на “Beer Sheva Chess Club”, одиграа одличен меч, на високо ниво и успешно парираа на алкалоидовите велемајстори, така да и покрај долгата борба, партиите завршија со реми. Стандардно, Ју Јангји покажа маратонска упорност, и до шеесетиот потег во топовска завршница се обидуваше да најде шанса за победа.
По три одиграни кола само осум екипи останаа со максимален учинок од три побeди и во последните четири кола низ меѓусебни дуели ќе го одлучат победникот. Накусо кажано, преку постигнатите резултати се докажа дека најсилните осум екипи по рејтинг на крајот од третото коло се наоѓаат во водство на табелата со максимален број на победи, што иако беше очекувано – во пракса ретко се случува бидејќи во минатото се покажало дека често има пријатни изненадувања.
На овој турнир кој соодетствува на фудбалската „лига на шампионите“, каде што само еден клуб на крајот ќе се радува на европската титула, ШК Алкалоид во четвртото коло како свој противник ќе го има словенечкиот „Тајфун“ кој е шести носител.
Текстот „Алкалоид“ продолжува со победи на Европскиот шаховски клупски куп е превземен од МАКФАКС.