Во првите денови од новата 2021 година разговараме со еден од нашите најдобри пејачи на забавна музика, Влатко Лозаноски. Во продолжение прочитајте што откри Лозано за читателите на „Слободен печат“.
1. Го отвораме разговорот со едно вообичаено прашање кое, сепак, не може да се прескокне. По што ќе ја паметиш 2020 година? Како ти помина тебе?
– Кај мене на професионален план, на почеток одлично, но продолжи неочекувано лошо. Од март па сѐ до ден денес македонската сцена е во потполн мрак, нема концерти, издавањето на песни и албуми е сведен на минимум. Приватно фала му на Бога сум добро и сите околу мене.
2. Колку коронакризата ги зближи музичарите? Можеме ли да зборуваме сега за подобра колегијалност и разбирање?
– Целиот период немаме многу средби на професионален план, освен со одреден број колеги и музичари кои и приватно се дружиме. Дефинитивно сите заедно се поддржуваме овој период и се почитуваме, на сите нас и тоа како нѐ погоди оваа криза.
3. Што лично ти научи од ова непредвидливо и непријатно искуство?
– Сите научивме да ги цениме малите работи, ситниците кои не прават среќни. Периодот поминат со најблиските.
4. Ако се вратиме на твоите почетоци, неминовно ќе стасаме до емисијата на Драган Вучиќ, „Мак Ѕвезди“. Во тој период и немаше толку бројни шоуа од овој тип. Се пријави сам или на убедување? Од љубопитство, испробување на талентот, со желба за видливост или со конкретна цел – да стартуваш сериозна кариера на пејач? Како изгледаат тие први чекори од денешен временски агол?
– Така е, немаше многу такви емисии како што има сега. Тој период се гледаше многу „Идол“, „Операција Триумф“, „Ѕвездите на Гранд“, М2 итн… но сите овие беа регионални, додека „Мак Ѕвезди“ беше само национално, на ниво на Македонија. Уште како дете сакав и сонував да работам со музика, едноставно живеев со тоа. И сега е така, седнувам да свирам и да пеам, исто како и кога ќе посакам да пијам вода. Засега имам среќа тоа што го сакам и професионално го работам. Пријавувањето на шоуто не беше лесно, едноставно на почетокот не бев свесен за моите квалитети, така и поради друг се пријавив, односно мој близок ме пријави и од таму продолжи авантурата.
5. Нè растажи веста за прераното заминување на Вучиќ, освен со првите почетоци, со какви спомени те врзува Драган?
– Да, за жал тоа беше шок за сите. Не е исто сега без него на малите екрани. Ќе биде запаметен како човек кој сакаше на луѓето секојдневието барем на момент да им биде поубаво. Имам огромна почит кон него и за тоа што го направил за мене и за целата македонска сцена и како музичар, уметник, водител и шоумен.
6. Како денес, како потврден музичар, гледаш на бројните млади луѓе кои се пријавуваат на најразлични телевизиски шоуа со надеж дека би можеле да си го најдат своето место под музичкото небо? Како денес се наоѓа, заслужува и најмногу – како се одржува тоа „место“?
– Има многу талентирани луѓе кај нас и мислам дека сега е многу полесно да се научат, да се истражуваат многу области, кои ние за жал не можевме како деца. Постои Youtube каде има неограничен број на видеа и туторијали, постои и Google и Wikipedia да те информира и да ти објасни некои работи, постои Google Translate што не те ограничува со јазиците, Spotify со 70 милиони различни песни и стилови итн… но има и други социјални мрежи кои можат да те оттргнат од вистинскиот правец. Многу млади музичари и пејачи некогаш го избираат погрешниот правец, не го бираат она што им лежи, туку она што им е наметнато. Секој кој сака да биде дел од музичкиот свет, мора да биде различен од другите во нешто. Јас често слушам различни стилови на музика и на различни јазици, сакам да знам како размислуваат останатите и така ќе те инспирираат.
7. Се добива впечаток дека младите музички артисти не добиваат доволно простор за афирмација, особено алтеративната музичка сцена, која во последно време навистина добро „гази“. Од друга страна пак, српското турбо-фолк влијание и понатаму е најдоминантно и најекспонирано. До народот ли ни е, или до личниот пристап кон музиката на менаџерите/угостителите/медиумите и сличните дистрибутери на трендови и вкусови?
– Дефинитивно медиумите и само медиумите, со исклучок на одредени кои се трудат и ја поддржуваат македонската музика. Преносувачот на информацијата. За некој да биде информиран за продуктот, мора од некаде да го чуе или види. Но тоа не е од сега или од пред неколку години, тоа трае со децении. За да се оформи зависност кон одреден стил на музика или било што и да е, треба време. Доколку пред 30 години константно се емитувала германска или холандска музика, сега тоа ќе слушавме и ќе пребарувавме. Немам против да се слуша различна музика, тоа е оправдано и е вкус, и јас слушам најразлична музика, но начинот и грижата кој во моментот го имаат државата и медиумите кон македонската музика е погубен. Тоа е исто како сега сите во Македонија да гледаат РТС или ХРТ вести, а МТВ вестите да се емитуваат после 1 часот по полноќ до 7 часот наутро. Секој артист не може да ја издржи таа борба, за да биде константен и да прави македонска музика за доброто и за културното наследство на државата. Македонија е можеби единствената држава во Европа каде никој не се грижи за изведувачки права на изведувачите покрај останатите работи.
8. Од кој македонски музичар најмногу си научил (и што си научил)?
– Како дете слушав многу музика, а посебно македонска. Како народна, така и забавна. Имам среќа сега што и двете подеднакво ги владеам и знам да ги одделам како стилови, но некогаш и умешно да ги измешам. Сум научил од најквалитетните музички изведувачи кај нас, Тоше Проески, Наум Петрески, Кирил Манчевски и многу други да не ги набројувам, сè што своевремено се издавало, сè сум преслушал. Секако, освен македонските, сум слушал и од регионалата и светската музичка сцена.
10. Какво е чувството да се настапува пред бројна, многу бројна, страшно бројна публика? Што е страшното во тоа?
– Прекрасно, неописливо. Преовладуваат секакви чуства. Еуфорично секогаш. Голема одговорноста кога се настапува пред голема толпа народ, секогаш не е исто. Секаде публиката е различна. Некаде те пречекуваат со резерва, некаде од старт е одлично, а некаде треба време и многу повеќе труд за да се освои публиката и да се употребат сите расположливи адути, за да се има одличен настап. Страшни се само условите за настап, песните се тие, имам професионални музичари и екипа кои си ја знаат својата работа. Некаде каде што настапуваме не знаеме какви се условите, какво е озвучувањето, локацијата итн. Тоа е, можам да кажам, скоро 50% од настапот, дали во прилог ќе имаме одличен концерт или не.
11. Една од твоите најнови песни е насловена „Не те вадам од памет“. Што испадна на крај, „дали ти и јас ќе бидеме ко едно некогаш“, биднавте ли?
– Обично сите песни кои ги правиме, се наменети за слушателите и тие да се пронајдат во одредена песна или стих. Во многу од моите песни и јас своевремено сум се пронаоѓал, а некогаш се пишувани и поради моменталната состојба која некој од нас ја чувствувал, но секогаш слушателот е тој кој треба да се пронајде.
12. Кои се плановите за во 2021 година на музички, но и на приватен план?
– Сè зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните со пандемијата. Зависи до кога ќе трае, кога ќе стигнат и како ќе помине вакцинацијата, понатаму колку ќе биде безбедно за да се собере толпа на народ и да дојдат на концерт. И ние како и сите со нетрпение ги чекаме тие информации. Се надевам дека нема многу да трае и верувам дека кога ќе добиеме зелено светло, нема да има човек кој нема да сака да посети концерт, кино, театар, спортски настан итн…
Планови имаме многу, имаме да понудиме одлични проекти, се надевам дека ќе бидат изреализирани многу брзо.