Не само што францускиот претседател Емануел Макрон го изложи, уште еднаш, лицемерниот дискурс според кој работи неговата администрација, туку тој за догледна иднина му нанесе и штета на меѓународниот углед на Франција
Доделувањето на признанието „Легија на честа“ на египетскиот диктатор Абдел Фатах ал-Сиси за време на помпезната државна вечера во Елисејската палата е несомнено еден од најшокантните наслови што се појавија во вестите во декември 2020 година.
За првпат основана за време на владеењето на Наполеон Бонапарта, „Легијата на честа“ (Légion d’honneur) е најценетата награда што ја доделува француската држава со цел да ги признае националните и меѓународните личности за нивните „еминентни услуги“ во корист на Франција.
Одлуката на Макрон да му оддаде таква почит на пучистот Ал-Сиси, кој го собори првиот демократски избран претседател во историјата на Египет е срамна и јасно го одразува губењето на моралниот компас и непочитувањето на демократските вредности. Проблемот е уште поголем заради фактот што Ал-Сиси изврши разни злосторства против човештвото, нареди да се убијат најмалку илјада демонстранти во директен пренос на телевизија и ја воспостави една од бестијалните диктатури на Блискиот Исток.
„Светилник на демократијата“?!
Доделувањето на „Легијата на честа“ на Ал-Сиси го разоткрива огромниот расчекор помеѓу практиката и реториката во Франција во однос на демократијата. Додека француските официјални лица сакаат да пренесат слика на нивната земја како светилник на демократијата и на човековите права и да патронизираат други нации во Азија и Африка во овој поглед, оставината на Франција продолжува да се влошува.
Во самата Франција, пак, мандатот на Макрон е извалкан со масовното кршење на човековите права. На пример, полициските тактики за контрола на протестните толпи и немирите, кои предизвикаа повреди врз илјадници мирни демонстранти, беа предмет на критика, наидувајќи на осуда од Обединетите нации, како и од страна на француското правобранителство.
Друг пример е опсесијата на Макрон со ограничувањето на граѓанските слободи на малцинствата, особено на муслиманите. Откако францускиот претседател ја објави својата подготвеност да се бори против таканаречениот „исламистички сепаратизам“, незаконските полициски рации насочени кон домовите на муслиманите беа со единствена цел да се „испрати порака“ до јавноста. Одлуката на француските власти да го распуштат Колективот против исламофобијата во Франција (CCIF) и една друга муслиманска невладина хуманитарна организација, Баракасити (Barakacity), се поттикнати од слични сомнителни мотиви.
Лицемерна реторика
На меѓународно ниво, Макрон застана на страните на најлошите диктатори во Африка и на Блискиот Исток. Високиот степен на синергија помеѓу француското Министерство за надворешни работи и оние слични на Ал-Сиси, како Мохамед Бин Зајед од Емиратот Абу Даби и маршалот Калифа Хафтар во Либија, сугерира силна поврзаност меѓу нив во однос на заедничката агенди. Тоа покренува прашања во врска со лицемерната француска реторика за поддршка на демократијата и човековите права и, всушност, за вистинските ориентации на земјата.
Францускиот претседател и неговите советници знаат дека ваквиот начин на дејствување е неправилен и неморален. Фактот дека француското претседателство не овозможи ниту еден новинар да присуствува на церемонијата за доделувањето на признанието и дека сликите од посетата на Ал-Сиси на Париз се избрани од веб-страницата на египетскиот владетел, доволно зборуваат за неподготвеноста на францускиот претседател да ги објави своите срамни врски со Ал-Сиси пред јавноста. Таквата постапка го поттикна познатиот телевизиски водител Јан Бартес да изјави: „Ќе остане забележано дека за прв пат моравме да отидеме на веб-сајтот на еден авторитарен режим за да откриеме што се случува во Елисејската палата“.
Покрај тоа, оваа епизода предизвика и негодување кај претходните добитници на „Легијата на честа“. Неколку италијански личности, како познатиот писател Корадо Аугиас, и поранешниот градоначалник на Болоња, Серхио Коферати, како и екс-министерката за култура Џована Меландри и новинарката Лусијана Кастелина, одлучија да ги вратат претходно добиените признанија од Франција. Понатаму, и Европскиот парламент се потресе од ваквиот развој на настаните и усвои резолуција со која се повикуваат на рестриктивни мерки против Египет поради неговите сериозни повреди на човековите права. Парламентот исто така ги повика земјите членки на ЕУ „да не им доделуваат признанија на лидери одговорни за кршење на човековите права“.
Вооружување на диктаторот
Спин-докторите на Макрон во Франција се обидоа да ги оправдаат неговите постапки со оглед на профитабилните договори за француска продажба на оружје и енергенси на Ал-Сиси. Сепак, тие го игнорираат фактот дека многу вакви зделки се нелегални и се косат со меѓународното и европското законодавство. Додека сегашното ниво на продажба на оружје на Франција во Каиро е повисоко од кое било друго време во историјата, таквата трговија е во директна спротивност на резолуцијата на ЕУ од 2013 година, со која се прогласи прекин на извозните лиценци за Египет за опрема што може да се користи за домашно угнетување. Франција ги крши и своите законски обврски согласно условите на Договорот за трговија со оружје на ООН (АТТ), кој ја регулира меѓународната трговија на конвенционално оружје и забранува продажба на оружје што поттикнува кршење на човековите права или воени злосторства. АТТ стапи на сила во 2014 година. Не треба ни да се каже дека организациите за човекови права демонстрираа поради фактот што египетските безбедносни сили користеле оружје набавено од Франција во напади врз протестантите во Египет.
Сè на сè, одлуката на Макрон да му го додели најпрестижното почесно признание на египетскиот владетел е многу кратковида и политички неодговорна постапка. Бидејќи светот ја одбележува 10-годишнината од Арапската пролет, немирите на Блискиот Исток и во Северна Африка сè уште не стивнуваат. Сепак, луѓето нема да ја заборават, ниту да ја простат, хипокризијата и соучесништвото на Макрон со оние кои извршиле најлоши злоупотреби на власта. Не само што францускиот претседател го изложи, уште еднаш, лицемерниот дискурс според кој работи неговата администрација, туку тој за догледна иднина му нанесе и штета на меѓународниот углед на Франција.
Пренесено од „Анадолу агенција“ од Анкара