Интегритетот и транспарентноста на правосудството биле во фокусот на дводневната регионална конференција на ОБСЕ за мониторинг на судските процеси што се одржа во Будва и на која учествуваше јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски, заедно со основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Како што соопшти државното Јавно обвинителство, конференцијата ги обединила челниците на правосудството од сите земји од регионот, кои дискутирале за препораките од првиот јавен извештај на Проектот за набљудување на судските процеси за справување со организираниот криминал и корупција во Западен Балкан.

-Регионалната конференција имаше за цел да им овозможи на актерите од правосудниот сектор од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија меѓусебно да разговараат и да споделат искуства за структурни прашања, како и за прашања на политики поврзани со гонењето и одлучувањето во случаите на сериозен, сложен и организиран криминал и корупција. Посебен акцент беше ставен на транспарентноста на правосудните акти и постапки, пречките во спроведувањето на реформите и казнените практики, информира ЈОРСМ за учеството на конференцијата за која повеќе детали и информации за презентираниот извештај се достапни на линкот: https://www.osce.org/secretariat/576963