Оваа пандемиска година новогодишните желби се малку поинакви. Се посакува најмногу здравје, не само на луѓето туку и на економијата заглавена меѓу денешната рецесија и утрешната неизвесност.
Но, дали економијата во 2021 година ќе може да заздрави по минусот што го прокнижи годинава? Власта вели дека може, па дури има и сценарио за голем економски скок до над четири проценти. А еве што мисли бизнисот:
Проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК банка
Ова се моменти кога треба да бидеме реални, но и оптимисти бидејќи која било друга варијанта е бесмислена и беспредметна.
Реалност е дека здравствената криза не стивнува. Нејзиното продолжување и неизвесност создава дополнителен притисок врз нашата економија, којашто станува сè покревка по сите нејзини параметри. Оваа почетна позиција нè предупредува на високата неизвесност и несигурност и во однос на очекувањата и во однос на брзината на закрепнувањето, како на светската така и на македонската економија.
Се работи за специфични услови во кои правилното структурирање на јавните и на приватните бизнис политики треба да биде вистинска мајсторија. Целта на таа филигранска обработка е балоните на социјалната, фискалната, финансиската, монетарната и развојната компонента да почнат заеднички да се креваат нагоре, без да се наруши нивниот баланс или да се случи некое негативно издишување. Само така ќе можеме да јазачуваме целината на продуктивниот капацитет на економијата, да ја зачуваме монетарната стабилност, да ја постигнеме најповолната макроекономска рамнотежа, да го стимулираме економскиот раст и полека, полека да ја определиме поволната среднорочна перспектива на државата.
Од друга страна оптимизмот ми дава за право, доколку здравствената закана почне да стивнува со побрзо темпо,со ефектите од вакцините, со напредокот во третманот на коронавирусот, со евентуалното пронаоѓање на некој ефикасен лек, со побрзото отворање на економиите и сл. да очекувам, побрзи дополнителни квалитетни мерки за поддршка на економијата и позитивен тренд на БДП во наредниот период. Во оваа смисла проектираниот пораст на БДП над 4% од страна на Владата ќе биде или едноставно мора да биде реално достижен, особено, ако знаеме дека годинава што минува е со високо негативна стапка па основата за споредба поаѓа од многу ниско ниво.
Ние како Банка ги следиме настаните и се прилагодуваме на истите. Во 2021 година ќе продолжиме да дејствуваме проактивно фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и предвидливи очекувања.
Предвидуваме постепено забрзување на кредитната активност, во согласност со севкупното закрепнување на економската активност и зголемената побарувачка за кредити.Нашата цел е да ја одржуваме и унапредуваме конкурентноста на понудата на нашите производи и услуги, преку континуирано приспособување и подобрување на условите на производите, во согласност со потребите на корисниците и пазарните услови. Континуираното иновирање и развојот на дигиталното банкарство, подобрувањето на квалитетот на услугата и искуството на корисниците остануваат императив со фокус на унапредување на продуктивноста.
Среќна Нова 2021 година на сите македонски граѓани во земјата и насекаде во светот, со искрени желби да им се исполнат сите посакувани лични и семејни вредности.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија
Имавме една комплицирана и турбулентна година за македонската економија и неблагодарно е да се предвидува за идната година во ваква ситуација. Но, сепак, мора да имаме надеж за излез и за создавање посилна македонска економија, бидејќи покажавме поголема отпорност отколку што предвидувавме во почетната фаза од кризата. Затоа, како најстара бизнис-асоцијација, со речиси 100-годишно искуство, изработивме многу квалитетен документ „Македонската економија во тековниот период и во постковид-19 периодот“, кој произлегува од многу сериозна анкета меѓу нашите членки и меѓу компетентни стручни лица од бизнисот и од економијата, во кој се преточени решенија за намалување на последиците од здравствената и економска криза. Најважно е да се поставиме професионално и одговорно, со извесна доза на претпазливост, кон целата ситуација и максимално да ги поддржиме компаниите кои останаа на нозе за време на кризата, кои ги задржаа своите вработени и кои се во состојба да инвестираат. Државата треба да биде лидер во процесот. Мора да се изнаоѓаат алтернативни пазари за извоз, бидејќи извозот има суштинско значење за македонската економија; да се одржува ликвидноста на компаниите; да се овозможи либерализација на сегменти од македонската економија; да се воспостави ефикасен механизам во поглед на парафискалните давачки и ефикасна примена на законите што се однесуваат на поддршка на инвестициската активност на компаниите. Ако тука подлегнеме, последиците за нас ќе бидат големи.
Би биле несериозни ако не споменеме дека на почетокот на пандемијата државата ѝ помогна на економијата. Затоа, со заедничка соработка во 2021 година да се поддржат фирмите кои ќе можат да инвестираат и да отворат нови пазари, а со тоа и да отворат нови работни места, за да можат подоцна тие да ѝ помогнат на државата.
Останува граѓаните одговорно да ги спроведуваат мерките за справување со пандемијата затоа што човековите животи се најважни.
Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори (ССК) и сопственик на „Антариас“ Скопје
Економските мерки кои се носеа во изминатиот период и се однесуваат на надминување на кризата предизвикана од пандемијата, беа во вкупна вредност која е најмала споредено со регионот и пошироко. Земјата е во рецесија, а едновремено помошта за поддршка на приватниот сектор не е доволна што може да предизвика проблеми на подолг рок. Согласно ова во наредниот период потребно ќе биде да се следат состојбите и правилно да се насочат средствата за помош онаму каде што се најпотребни. Кризата нема да заврши ниту следната година и доколку продолжи со ова темпо, стопанството тешко ќе го издржи финансиското оптоварување. Од Владата се очекува уште еден пакет економски мерки за помош, особено за најпогодените дејности.
Потоа во периодот кој следува полека се очекува закрепнување кое би требало да значи и економско заздравување, подобрување на нарушената ликвидност и враќање на предвидливоста.
Тешко е да се зборува за проекција на економски раст во вакви услови, бидејќи тој ќе зависи од бројни фактори како што се траењето на рестриктивните мерки предизвикани од пандемијата, економските мерки за поддршка кои ќе следуваат во наредниот период, но и од начинот на решавањето на тековните проблеми кои постојат со години, а сега се од приоритетно значење, како што се сивата економија ипарафискалните давачки. Важно е и да има кратење на непродуктивните трошења и реализација на реализација на капиталните инвестиции.
(А.С.-С.В.)