Претседателот на Украина, Воодимир Зеленски денеска се сретна со министрите за надворешни работи на Литванија и на Полска, Габриелус Ландсбергис и Радослав Шикорски.

– Разговаравме за важни прашања. За постојаниот терор од Русија и потребата од употреба на оружје со долг дострел против воени цели на територијата на земјата агресор. За имплементација на билатералните безбедносни договори, имплементацијата на точките од Формулата за мир, за подготовките на вториот состанок на високо ниво за мир, забрзувањето на приемот на Украина во ЕУ и НАТО, наведе Зеленски на својот Фејсбук профил.

Зеленски им се заблагодари на Литванија и Полска „што беа со нас од почетокот до нашата заедничка победа“.

Украинскиот претседател соопшти дека остварил средба и со поранешниот британски премиер Борис Џонсон на маргините на годишниот состанок на Јалта за европска безбедност, што се одржува во Киев.

Зеленски му се заблагодари на Џонсон за неговото внимание кон Украина и поддршката во обезбедувањето на потребната меѓународна поддршка за земјата од почетокот на руската инвазија. Тој нагласи дека Украинците секогаш ќе се сеќаваат на оние кои застанале покрај нив.