Косовската претседателка, Вјоса Османи по средбата со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, која допатува денеска во официјална посета на Косово, изјави дека Косово и Финска имаат цврсто партнерство во заштитата на европските вредности, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи на својата Фејсбук страница напиша дека ѝ се заблагодарила на финската дипломатка за постојаната поддршка што нејзината земја го дала за Косово во секоја фаза од неговиот развој.

„Во заштитата на европските вредности, Косово и Финска се непоколебливи партнери! На средбата со министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, и се заблагодарив за поддршката што нејзината земја ја дава за Косово во секоја фаза, вклучително во процесот на формирање на државата, државотворноста и зачленувањето во меѓународни организации“, напиша Османи, порачувајќи дека ќе продолжи со посветеноста на зајакнување на односите меѓу двете држави.

Шефицата на финската дипломатија, Валтонен претпладнево на приштинскиот аеродром беше пречекана од нејзината косовска хомолошка, Доника Грвала, по што двете минисетерки имаа билатерална средба, а подоцна одржаа и прес-конференција, на која ги нагласија пријателските односи меѓу двете земји.

Според најавите, Валтонен во Приштина ќе се сретне и со косовскиот премиер, Албин Курти, а по Косово ќе ги посети и Албанија и Србија.