Facebook статус на Никица Корубин

За “јавност” која две години константно го експлоатира “францускиот предлог”, кој одамна стана официјална преговарачка рамка по која ќе се одвива пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ; и особено за “јавност” која е (бес)крајно благонаклона кон “ликот и делото” на српскиот претседател, изненадува инертноста и игнорирањето што го покажуваат кон вчерашното обраќање на францускиот и српскиот претседател, и особено пораките што Емануел Макрон ги прати, од неговата посета на Србија, кон целиот регион кој се движи кон ЕУ – Западен Балкан.

На толку често споменување на “француски” во диригираниот и фингиран јавен дискурс, чудно како врвот на француската политика, наеднаш стана неинтересен за нашата “јавност”. Или можеби и оваа “француска порака” е крајно неповолна и непожелна за ушите на “партиско/медиумско/клановската јавност”, со ист интензитет како и “францускиот предлог” за внесување на Бугарите во нашиот устав, па ако веќе не може да се компромитира, дезавуира и релативизира по примерот на преговарачката рамка, барем ќе се игнорира.

Но, што е тоа што толку “ја загрижи” гореопишаната јавност во обраќањето на Макрон, совршено синхронизирана на релација власт-опозиција, во одржување во живот на таргетирани теми во распон од крајно бесмислени до крајно опасни; па сакајќи да го избегнат “лошиот” Макрон, мораа да го “скратат на минимум” и “омилениот” Вучиќ?

Дали е тоа пораката за дефинитивно решавање на спорот помеѓу “Косово и Србија” како услов за членство на Србија во ЕУ, каде што нормално Косово е титулирано како држава, а не област, па не знаат нашите “независни медиуми” како е подобно да и пристапат на веста?

Дали можеби тоа е пораката на Макрон, дека сите земји на Западен Балкан ќе бидат дел од ЕУ и секоја посебно, меритократски ќе биде вреднувана, со заедничко решавање на чувствителните политички теми, во склоп на самиот процес на пристапување? Што е спорно, за да биде премолчено и цензурирано, па нели ние само за правила, правда и еднаков третман говориме?

А, можеби тоа е суштинската порака, за “суверенитетот на ЕУ”, како заедница на држави кои географски, културолошки и економски, со еден збор цивилизациски припаѓаат на европскиот континент; кој само во форма на ЕУ, може да опстане во променетите гео-политички услови и да биде одржлив за сопствените граѓани, во демократски уредувања со јасна поделба на власта, живот во т.н западна култура и цивилизација.

Или што би рекол Макрон, “па Франција географски не е толку далеку од Србија”, последователно ниту од Северна Македонија, која природно – географски и цивилизациски припаѓа во светот и системот на ЕУ. Одлична порака, која треба да биде ударна вест денес, и политички поздравена од власта (особено ВЛЕН) и опозицијата (особено СДСМ), како партнерска и солидарна порака од пријателска Франција и кон регионот и кон неговата интеграција во ЕУ.

Чекајќи со нетрпение, тоа да се случи во текот на денот, да потсетиме што значи зборот “географија” во обраќањето на францускиот претседател во корелација со изјавата дека “регионот на Западен Балкан го гледаат како една целина”. Терминот “Западен Балкан” е политички термин за преостанатите шест балкански земји кои не се’ уште не се членки на ЕУ: Северна Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

И вака кажано, значи дека тие се регионот-географијата, со која ЕУ не е целосно комплетирана и заокружена за да може да се одржи и одбрани “суверенитетот на ЕУ”. Што е далеку од манипулациите на нашата гореопишана јавност, од лево и десно, од проевропејци и антиевропејци, од владини и невладини, од “аналитичари” до “експерти” дека “ЕУ не ни треба, а ни ние на нив”.

Се чини дека потребата не само што е обострана, туку и неопходна, а особено за нас како држава и систем, демократски и цивилизациски. Како што се чини, и покрај сиот вложен труд, за конфликт со соседите, нашата “палавост” ќе биде толерирана и менаџирана. Затоа што целта е многу поголема и позначајна и од разбирањето на нашата “јавност”, а особено од провидната глума на владините или невладините партии во одмерувањето на државниот vis a vis личниот и партискиот интерес.

Суверенитетот на ЕУ, освен што означува брзо членство на Северна Македонија во ЕУ, означува и единствено можен суверенитет и на Северна Македонија. Време е за ефектуирање на преговарачката рамка, уставни измени веднаш и без одлагање. Од “француски предлог” до “француска порака”.