Најдобриот фудбалер на Барселона, Лионел Меси (33) отворено зборуваше за неговиот однос со поранешниот претседател на каталонскиот клуб, Жозеп Бартомеу, во интервјуто за шпанската телевизија „La Sexta“.
Како што се очекуваше, Аргентинецот немаше убави зборови за поранешниот функционер на каталонскиот клуб.
– Претседателот Бартомеу не сакаше да ме пушти летово и започна да раскажува разни приказни за да ме направи негативец. Знаев дека ќе го добијам случајот доколку одам на суд, но не сакав да го напуштам клубот на таков начин. Бартомеу ме измами многу пати. Не можам да ви кажам што ми вети, но многу пати лажеше во текот на годините – рече Меси.
Меси е благодарен на Барселона за сè што му даде во животот.
– Барселона е мојот живот. За дресот на Барса ме врзуваат најсилни емоции. Тука сум од мојата 13 година, живеам овде подолго отколку во Аргентина. Научив сè во овој клуб. Пораснав тука и овој клуб ме направи играч и личност. Тој ми даде сè и јас дадов сè за овој клуб – вели Меси и додава:
– Мислев дека е време за промена, дека го завршив циклусот. Ми беше тешко ова лето, но повторно сум желен и возбуден. Клубот е во многу лоша финансиска состојба и ќе биде тешко да се вратат работите на вистинскиот пат.
Меси вели дека нема да размислува за друг клуб до јуни.
– Не преговарам како слободен играч со нитуеден клуб. Ќе видиме како ќе помине оваа сезона и што ќе се случи. Во јуни ќе ја донесам одлуката – се зборовите на Аргентинецот.