Фудбалерите на Манчестер сити се пласираа во полуфиналето на Лига купот откако со 4:1 го декласираа Арсенал.
Манчестер сити го продолжува походот кон одбраната на трофејот во Лига купот и последната пречка, Арсенал, ја совладаа со убедливи 4:1. Пресуден момент на натпреварот беше големата грешка на голманот на „топчиите“ Рунарсон за гол на Марез за 2:1.
„Граѓаните“ поведоа уште во третата минута преку Габриел Жесус кој по центаршутот на Зинченко, највисоко скокна и ги надмудри тројцата дефанзивци на Арсенал. Резултатска неизвесност внесе Александре Лаказет со голот во 31. минута.
Трагичар на натпреварот е голманот на Арсенал, Рунарсон кој направи почетничка грешка во 53. минута. Марез изведе слободен удар и иако изгледаше дека тоа ќе биде лесна задача за Рунарсон, топката му избега од рацете и заврши во неговата мрежа. Само шест минути подоцна Фил Фоден донесе водство од 3:1, а конечниот резултат го постави Ејмерик Лапорт во 72. минута.
Претходно, Брентфорд направи вистинско изненадување и го совлада Њукасл со 1:0 и обезбеди пласман во полуфиналето.
Утревечер се играат преостранатите два четвртфинални натпревари и во нив се среќаваат Стоук – Тотенхем, односно Евертон – Манчестер јунајтед.