Владимир Перев

Со Ибро се запознавме некаде на почетокот на деведесетите, во времето на распадот на СФРЈ и формирањето на независната македонска држава. Време на занес, големи очекувања и замаглена визија за светлите времиња кои требаше да дојдат. Денови и вечери поминавме во култната кафеана Дал Мет Фу, денешен Пелистер, водејќи бескрајни разговори за минатото и очекувањата од иднината.

Ибро е од албанското село Седларево, тетовско, син, внук и правнук на селските оџи. Иако е електротехничар, знае да го чита арапското писмо, го познава одлично Куранот и оние кои знаат велат дека Куранот го пее како вистински оџа. Тоа е силата на традицијата.

Село Седларево и во далечината некогашната граница меѓу Бугарија и Италија

Бугарија била, е и ќе остане вечната тема на разговорите во Македонија. Бугарија е недостижна мечта за едните, а за другите е извор на вербална и вистинска омраза, поттик да се затре и уништи бугарското име. За волја на вистината, овие вториве се по бројни.
Ибро се движеше меѓу нас, во “кругот на бугарите“. Секогаш добро расположен, често знаеше да ми каже, онака итромански, дека “сите ние од Седларево сме бугари“, притоа насмевнувајќи се иронично, со насмевка која може да ја одгатнат само оние кои поминале низ средби со османлиската култура и блискоисточниот начин на кажување на фактите.

Конечно деновиве, бегајќи од пеколните скопски горештини, тргнавме кон Седларево. Селото е на триесетина километри од Групчин, во пазувите на Сува Гора. Патот е тесен, асфалтиран и напорен, а Седларево е на 1200 метри надморска висина. Селото е планинско од збиен тип, изградено на стрмнина и свртено кој југозапад.
Погледај, ми вели Ибро, речи си сите куќи се нови, обновени, но сите се заклучени и никој не живее овде. Луѓето се раселени, најмногу во Италија и некои во Швајцарија. Изградиле куќи, но прашање е кога и дали воопшто ќе се вратат. Низ средсело тече чешма со неколку корита полни со вода, чиста, бистра, планинска. Тоа е селското поило за стоката, ама сега нема стока.

Поилото средсело

На крајот на селото, на неговиот највиск дел се наоѓа зградата на бившото училиште. На еден спрат, висок партер, има и подрум, сега е напуштена но добро одржувана. Во таа зграда, за време на 1941 до 1944 година била сместена единицата на бугарските гранични војски. Тоа била последната караула за заштита на границата, веќе од другата страна почнувала италијанско-албанската територија.
Кон крајот на април 1941 година во селото, тивко и ненаметливо, како ништо особено да не се случува, влегле бугарските гранични единици. Се сместиле во училишната зграда и веднаш почнале со заштита на границата. Со оглед на фактот што селаните од Седларево имале имоти и стока од другата, италијанската страна, секојдневното преминување било дозволено со соодветна гранична контрола. Полуотворен тип на граница.

Некогашното училиште-караула и херојот на нашиот расказ Ибро

Соживотот меѓу месните албанци и бугарските граничари бил повеќе од поднослив. Во Седларево никогаш немало кражби, убиства или крвна освета. Бугарските граничари имале задача само да внимаваат на илегалните премини на границата, на вооружените чети, било да се балисти или по некоја залутана партизанска, како и да се грижат за недозволениот шверц на стоки или сеча на дрва. Бугарите биле добро снабдени со масло за јадење, шеќер, сол, кафе, брашно и други продукти, а од месното население набавувале качак за пушење, свежа храна како јајца, кокошки, месо и други нешта…секако, ракијата и тутунот се неизбежните придружници на секоја војна. Односите меѓу населението и војската биле коректни, со взаимна почит и разбирање. Навистина, бугарскиот командант понекогаш знаел да му се заканува на селскиот оџа, таткото на Ибро, говорејќи дека “жив ќе го одерат и од кожата тапан ќе прават“, ама сето останало на вербални закани, двосмислени за оние кои ги слушале.

Нештата се промениле, вели Ибро, на почетокот на септември 1944 година. Бугарскиот командант наредил селаните да се соберат пред зградата на полициската станица. Селаните, предводени од оџата, одбиле. Далеку е тоа, велел оџата, на крајот на селото е. Најдобро да се собереме во џамијата која е средсело, па вие да дојдете да ни кажете што има да се каже. Така и станало.
Пред преполната џамија и луѓе во дворот, бугарскиот командант одржал голем, пламен говор за “величието на Царство Бугарија, за милоста на империјата бугарска“, завршувајќи со извикот дека “од денес па натаму, сите вие овде ќе бидете бугари“! Сила Бога не моли, вели Ибро, па сите таму молчешкум покажале дека ќе бидат “верни слуги на империјата и ќе се подведуваат на нејзината волја, дека ќе бидат бугари“. Собирот се растурил, но на заминување командантот наредил, таткото на Ибро како селски оџа и неколку првенци од селото, да бидат стражарно доведени во караулата. Селото ги прежалило и се подготвувале за погреби.

Татко ми мислел дека ќе ги убијат, раскажува Ибро, ама работата не била така. Седнале во караулата, запалиле цигари, се донесло кафе и ракија и командантот започнал: “Слушајте ваму, рекол бугарскиот офицер. Ние утре си заминуваме од овде. Сето ова што останува од наријатот ви го ставаме вам. Бидете паметни. Бугарија и Албанија ја изгубија војната. Овде ќе дојдат некои луѓе да ви пропагираат застарени идеи, ќе има кај вас и балисти и партизани. Не верувајте на сите пропаганди. На крајот комунистите ќе победат и овде ќе има комунизам. Внимавајте да се запазите себе си, семејствата и селото. Треба да останете живи и здрави, тоа е најважното, сето друго ќе се реши потоа, со време. Не верувајте никому, вие сте добри и чесни луѓе, пазете се“!

Така, вели Ибро, ние за една ноќ станавме бугари, за потоа пак да си останеме албанци, ама бугарскиот командант никогаш не го заборавивме. Во времето кое дојде, конечно ги сфативме неговите двосмислени пораки. Чинот и добриот совет никогаш не го заборавивме!

Денес воопшто не се говори за некаква “бугарска окупација“ во Седларево. Само некои од постарите луѓе ја знаат приказната за бугарскиот командант на караулата, приказна која се претворила во легенда.
Легендата вели дека заради чесниот офицер и добронамерниот човек, селото ги преживеало голготите на повоениот период, а неговите жители денес опстојуваат низ европските држави.