Рекордни 13 милијарди евра (1.644 милијарди јени) ќе чини организацијата на летните Олимписки игри (ОИ) 2020 во Токио, што беа одложени за една година поради пандемијата на новиот коронавирус.
Организаторите денеска во детали го образложија финансискиот план за организацијата на Олимпијадата, потенцирајќи дека новиот буџет е за 2.3 милијарди евра поголем од првично проектираниот.
Според планираните трошоци, јапонската престолнина ќе биде домаќин на најскапите летни ОИ за чија организација ќе бидат потрошени 800 милиони евра повеќе споредено со Олимпијадата 2012 во Лондон, но сепак многу помалку од руската организација на зимските ОИ 2014 во Сочи за што беа потрошени 17.9 милијарди евра.
Организаторите на ОИ идното лето во Токио редуцираа дел од трошоците, предвидувајќи помалку грандиозна Олимпијада од првично планираната, преку намалување на бројот бесплатни влезници и официјални лица, укинување одредени церемонии, како и заштеда на маскоти и огномети.