Нашата држава и покрај тоа што има потенцијал за производство на земјоделски производи и храна, со години наназад е увозник на храна. Иако има поволни климатски услови и плодна почва, голем дел од земјиштето стои необработено. Македонија од некогаш голем производител и извозник на традиционални производи, млеко и млечни производи, зеленчук, овошје, оранжериско производство, денес е увозник на истите. Како една од мерките која може да му помогне на аграрот да ги преброди актуелните проблеми и да биде еден од носителите на економскиот развој, според агробизнисмените е промена на моделот на субвенционирање. Тие сметаат дека потребно е наместо по површина, поддршката да се дава по предаден килограм во регистриран откупен центар се до периодот на влез на земјава во Европската Унија.
Со сегашниот модел на распределба на субвенциите драстично е намалена поддршката на големите агрокомбинати кои според нив сега најмногу можат да помогнат во закрепнувањето на економијата. Потребно е решавање на одредени структурни проблеми во земјоделството за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството…
Така на пример, производството на млеко се карактеризира со голем број мали фарми. Дури 75 отсто имаат се со една до три крави со ниско годишно производство на млеко. Многу е мал бројот на големи специјализирани фармери со повеќе од 20 крави – околу три проценти од вкупниот број со висока продуктивност и годишно производство од околу 5.000 литри по крава, а само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми.
Во месната индустрија која се соочува со нелојална конкуренција и недостиг на суровина за преработка, одлуката на Владата за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето. Од Комората оценуваат дека реалните економски ефекти на одлуката се повеќе од задоволителни и со вакво темпо се очекува месната индустрија повторно да стане нето извозник и да остварува забележителен девизен прилив.
За подобрување на состојбите во винарството и зголемување на пласманот, исто така потребен е поинаков начин на субвенционирање кој ќе води кон подобрување на квалитетот на грозјето и на виното, окрупнување на индивидуалното производство на грозје, интернационална промоција на флаширано вино, како и приспособување на производството кон пазарот и кон барањата на винарниците од страна на домашните лозари.
Во делот на мелничката индустрија, агробизнисмените сметаат дека треба да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач по класи на квалитет со што нашето лебно жито би имало конкурента цена во опкружувањето. Неопходна е и целосна контрола на пуштањето во промет на увезеното брашно и придржување до постојниот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет додека АХВ не даде дозвола по направени анализи за квалитет од акредитирана лабораторија.
Од економски аспект, земјоделството и прехранбената индустрија се третиот најголем сектор кој има значаен придонес во домашниот бруто-производ, во надворешната трговија и во јавната и приватната потрошувачка.

(А.С.)