Во наредните два месеца се очекува да се потпишат два до три нови договори со странски инвеститори и да се отвори голема германска инвестиција, информира директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Тој вели дека преговорите со нив се воделе уште минатата година, а годинава поради пандемијата не треба да очекуваме поголем напив на странски инвестиции. Според него за големите инвестиции што се случуваат во соседните држави се преговарало уште во текот на минатата година.
Деспотовски потврди дека се раскинати договорите за добивање градежно земјиште со четири инвеститори, затоа што не почнале навреме со градежните активности, но категоричен е дека ниту еден странски инвеститор годинава не си заминал од државата.
– Јас сум директор на ТИРЗ еден месец и ме радува тоа што добив три писма на намери за проширување на капацитетите на постојните инвеститори, вели Деспотовски.
Според статистиката на Дирекцијата што вчера тој ја презентираше, а која рече дека се разликува од официјалната поради методологијата, државата е во плус од поддршката на странските инвеститори. Во 2018 година државата од нив заработиле околу пет милиони евра, а лани двојно повеќе, односно околу 10 милиони евра. Деспотовски за прв пат соопшти податоци за тоа колкава е државната помош за странски инвеститори. Во 2018 година по основ на ослободување од данок на добивка и по други основи инвеститорите добиле помош од 17,9 милиони евра, а во 2019 таа помош се зголемила на 18,7 милиони евра. Од друга страна, трошоците на компаниите за даноци и надоместоци на плати и за социјално осигурување во 2018 година изнесувале 22,6 милиони евра, а лани се зголемиле на 28,4 милиони евра.
-Овие податоци покажуваат дека и политиката што се спроведувала до сега дава резултат, но во мој и во интерес на државата е добивката да се зголеми, а тоа ќе се оствари со измени на политиките за привлекување на странски инвестиции и со измени на начинот на функционирање на дирекцијата на ТИРЗ од аспект на профилирање на инвеститорите, најави Деспотовски.
Анализите на Дирекцијата покажуваат дека просечната плата на вработените во фабриките во ТИРЗ е помала од државниот просек. Околу 14.000 вработени во компаниите во ТИРЗ лани имале просечна плата за 3,47 проценти помала од просечната на ниво на држава.
Но, според податоците за увозот и зивозот зоните предничат. Учеството на ТИРЗ во вкупниот извоз до октомври годинава е 45 проценти. Лани има раст на извозот од зоните за 15 насто, во услови кога растот на вкупниот извозот од државата изнесувал 9,3 отсто. Заклучно со октомври годинава вкупниот извоз во државата е паднат за над 15 проценти а од зоните за 9,4 проценти.
Има намалување и на увозот што го реализирале компаниите во ТИРЗ. Во однос на лани годинава е намален за 19 проценти, а тоа според Деспотовски може да се должи на користење на залихите или на зголемено учество во додадена вредност, што дополнително ќе се утврдува.
Нето извозот, односно разликата меѓу увозот и извозот на ниво на држава годинава е намален за 23,7 проценти, а во зоните за 21,74.
Од компаниите кои работат во зоните 71 проценти покажуваат добивка, а останатите 29 загуба. Иста била ситуацијата и лани, кога имаше помалку инвеститори во ТИРЗ.
-Ова се должи на поинтензивен инвестициски циклус или на тоа што некои компании стартуваат со работа, оценува Деспотовски.
Нерто добивката во ТИРЗ во 2018 изнесувала 135 милиони евра, а во 2019 околу 125 милиони.
(С.В.)