Еден од фудбалерите чие име со златни букви ќе остане запишано во историјата на овој спорт, Луис Назарио Де Лима Роналдо во едно интервју зборуваше за многу нешта поврзани со фудбалот.
Меѓу другото тој беше запрашан кој бил најдобриот играч со кого ја делел соблекувалната и кои биле неговите идоли од детството.
Роналдо го прогласи Зинедин Зидан како најдобар играч со кој имал прилика да игра, а притоа не пропушти можност да истакне колку добар тренер е.
– Зизу е најдобриот фудбалер со кој тренирав и играв, а сега е и тренер со освоени три последователни титули во Лигата на шампионите. Понекогаш се прашувам, дали Зидан беше подобар како играч или сега како тренер. Немам одговор, -изјави Роналдо.
Легендарниот Бразилец кој во кариерата ги носеше дресовите на Реал Мадрид, Барселона, Интер и Милан потоа истакна кои фудбалери го инспирирале додека растел.
– Марко ван Бастен. Од мал го следев италијанскиот фудбал и посебно обрнував внимание на него. Исто така Марадона и Кројф ми беа голема инспирација, а тука е и Бразилецот Зико. Тој играше во Фламенго, а јас сум навивач на тој тим. Од сите нив се обидов да земам нешто и можам да кажам дека сум горд на кариерата која ја имав, -изјави Роналдо.