Пауло Дибала и управата на Јувентус започнаа медиумско препукување окоу новиот договор на Аргентинецот, а двете страни имаат различно видување на работите.
Фудбалерот на „старата дама“ вели засега дека никој од клубот не го контактирал ниту него ниту неговиот агент за продолжување на соработката, додека сопственикот на Јувентус, Андреа Ањели, објавби дека играчот има добиено неверојатна понуда од соништата.
Поради ваквите наводи, медиумите во Италија се во дилема на кого да му веруваат.
Дибала има актуелен договор до јуни 2022 година, но се почесто се споменува негово заминување во зимскиот преоден рок. Јувентус сака да извлече максимум од еден од своите најдобри фудбалери и поради тоа зачестија шпекулациите за негова размена во Манчестер јунајтед во замена за Пол Погба.
Аргентинецот сезонава под водство на новиот тренер, Андреа Пирло прикажува послаби игри во однос на минатата сезона и првиот гол го постигна дури во претходното коло против Џенова.
– Многу работи кои излегоа во јавноста, а се поврзани со мојот договор не се вистинити. Мојот агент долго време престојуваше во Торино, но ниту еднаш не е повикан од клубот. Разочаран сум што слушам дека во клубот се инвестираат значајни финансиски средства. Подобро би било да се каже вистината бидејќи вака ги извртуваат работите и ќе ги срвтат и навивачите против мене – изјави Дибала.
Од друга страна, Ањели има поинаква приказна.
– Добра вест е дека постигна гол. Имаше тежок период бидејќи беше заразен со коронавирус. Слушам дека го сака Јувентус и таа љубов е повратна. Ние Пауло го гледаме како иден капитен, а тоа што го знам е дека неодамна доби понуда која би го направила еден од 20. најплатени фудбалери во Европа и го чекаме неговиот одговор – изјави Андреа Ањели.