Подобро е да се осигура дека злоупотребите на службената должност ќе бидат почесто казнувани, отколку како сега, да биде казнет еден од сто функционери со драконска затворска казна, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев во врска со предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, конкретно членот 353 и злосторничко здружување, односно членот 394 од КЗ. Професорот потенцира дека одамна се води расправа за членот 353 од Кривичниот закон, во смисла дали тој е преширок и дали правилно се толкува. Според Кајалџиев, членот се толкува на начин дека ако настане штета, тоа е корупција, а корупцијата е дејство за придобивање лична корист и дополнително, со прогласување на настаната штета без да се утврди надомесок за таа штета се промашува суштината на ова кривично дело.

– Ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста. Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукратвни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна. Стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности, си велат зошто да не, голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот – вели професорот Калајџиев за „Слободен печат“.