Одбојкарската репрезентација на Македонија тримфално го стартуваше настапот на ЕП 2023 во Скопје, во фанатична борба совладувајќи ја селекцијата на Данска со 3-1 во сетови. Го загубивме првиот сет, но потоа следеше извонредна игра на нашите одбојкари кои не само што се вратија, туку и целосно го надиграа противникот и заслужено триумфираа. Победа со која широко се отвора вратата кон следната рунда, за која ќе ни биде потребна и победа на наредниот меч, в сабота против Црна Гора.
Македонија го освои првиот поен на мечот со беспрекорниот смеч на Маџунков „сервиран“ од Деспотовски, кој доби шанса како прв техничар пред Ѓорги Ѓоргиев. Се играше поен за поен до 4-4, по што по два одлични сервиса на Савовски нашата селекција за првпат поведе со два поени (6-4). По нашето водство од 8-6 следеше серија од три поени на Данците, што ја прекина капитенот Ѓоргиев за ново израмнување од 9-9. Сервисот на противникот повторно почна да ни создава проблеми, па при негатива од 13-15 селекторот Миленкоски го побара првиот тајмаут на натпреварот. Советите не вродија со плод, па Данска поведе и со 14-18. Македонија не се предаде и ја преполови негативата на 16-18, но скандинавската селекција успеа да ја задржи предноста и да го добие првиот сет со 22-25.
Од почетокот на вториот сет се играше израмнето, а Данска прва стигна до два поени предност (5-7). Македонија стигна до првото водство со блокот на Савовски за 11-10, по што не искористивме одлична шанса по сервисот на Љафтов, па гостите израмнија на 11-11. Со израмнета игра се продолжи до 17-17, кога Љафтов успеа да круниса една одлична акција со водство од 18-17, прво по подолго време за нашиот состав. Данците зедоа тајмаут, но потоа Ѓоргиев освои поен со ас-сервис и наше водство од 19-17. Атмосферата во СЦ „Борис Трајковски“ зовре, Македонија одлично го финишираше сетот, добивајќи го со конечни 25-22, со блок-аутот што го изнуди Маџунков.
Третиот сет го почнавме одлично, набрзина поведувајќи со 5-2 по блокот на Савовски и изнудениот блок-аут од Ѓоргиев. Следеше нов одличен сервис на капитенот Никола Ѓоргиев за предност на Македонија од 6-2, резултат при кој данскиот селектор побара тајмаут. „Црвено-жолтите“ имаа и 10-5, но потоа се појавија проблеми на сервисот на Андерсен, противникот намали на 10-8, принудувајќи го Јошко Миленкоски да побара тајмаут. При 10-9 македонскиот селектор го стави Илиев на местото на Љафтов, по што најпрвин данскиот сервер стрелаше во мрежата, а потоа Македонија стигна до нови два поена на сервис на Деспотовски (13-9). Следеше нова мини-серија, па по водството на Македонија од 17-11 по сервисот на Маџунков, повторно дојде ред на данскиот селектор да побара минута одмор. Сепак, Данците не успеаја да го запрат налетот на нашите одбојкари, кои рутински го приведоа сетот до крај, добивајќи го со 25-19 со одличниот смеч на Александар Љафтов.
На почетокот од четвртиот сет се водеше израмнета битка, а Македонија прва стигна до водство од два поени (8-6). Данска не се предаде, па скандинавската селекција успеа да стигне и до минимално водство од 11-12. При резултат 14-15 за Данска селекторот Миленкоски побара тајмаут, неколку минути се играше поен за поен, за по грешката на капитенот Ѓоргиев Данците да стигнат и до 17-19. Македонија покажа карактер и на сервис на Деспотовски израмни на 21-21. Одличниот сервис на Милев и реакцијата на мрежа на Љафтов донеоа водство на „црвено-жолтите“ од 23-22, за дански тајмаут во моментите кога навивачите еуфорично го прославуваа одличниот период во играта на Македонија. Следеше нов одличен поен на Љафтов, со блок за водство од 24-22, за потоа да го добиеме и последниот поен, за конечни 25-22 и огромна радост на армијата навивачи.
Македонските одбојкари својот втор меч на овој европски шампионат го играат в сабота против Црна Гора (20 часот, СЦ Борис Трајковски). /ekipa.mk